Достапни линкови

Метафоричната приказна „Детето сонува“ на Левин премиерно во Битолски театар


„Детето сонува“ е драма напишана во 1986 година и премиерно изведена седум години подоцна во Хабима, Израелскиот народен театар и претставува еден од најпоетичните текстови кои досега се поставени на тамошната театарска сцена.

Првата верзија на текстот на Ханох Левин била со наслов „Бродот Св. Луис – Песни за смртта“ и како што и самото име кажува, авторот првично напишал текст по вистинска приказна за бродот кој запловил од Хамбург кон Куба на 13 мај 1939 година со 937 бегалци, германски Евреи, кои сакале да побегнат по една од најкрвавите ноќи за Евреите – Кристалната ноќ. На бегалците не им бил дозволен влез во Хавана, па се обидувале да најдат прибежиште на други пристаништа во САД и во Канада, но и таму им е забранет влезот. Се враќаат повторно на Стариот континент, каде се прифатени од повеќе земји во Европа, но сепак многу од нив на крај завршуваат во нацистичките концентрациони логори.

Сепак, Левин се откажал од обидот да напише историска драма и крајниот резултат е драмски текст необременет со историски факти – универзален, поетски и безвремен во една атмосфера на сон.

Од таму, како што забележуваат од Битолскиот народен театар каде „Детето сонува“ од Левин во режија на неговиот сонародник Итаи Дорон премиерно ќе биде изведена оваа сабота, на 26 јануари, драмата ни открива приказна за едно патување на една мајка и едно дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото и ги протеруваат мајката и синот. Тие запловуваат во пространиот океан на непознатото, молат за засолниште на еден сиромашен остров и желни се да се откажат од сѐ освен од животот, чекајќи каков и да е спас.

Во појаснувањето ќе биде забележано и тоа дека во реалноста што сега ја живееме на глобално ниво мошне е лесно да се пронајдеме во политичката слика и моралниот код кои се претставени во текстот.

Кризата со бегалците насекаде низ светот ни овозможи да видиме потресни слики и да се соочиме со морални дилеми не само на ниво на континенти и држави, туку и како личности . Каква треба да биде нашата реакција на оваа реалност? Кој е вистинскиот мотив да се помогне и по која цена? Сите овие прашања нѐ поттикнаа за да ја избереме токму оваа драма, токму сега и во овој град. Колку подлабоко тонете во зборовите на Левин толку повеќе се дистанцирате од овие прашања.

- Ние на некој начин со оваа претстава сакавме да им се оддолжиме на сите оние луѓе кои ги губат своите домови и ја поминуваат целата таа бегалска голгота. На тие луѓе за кои во Македонија во изминативе години се говореше со многу предрасуди, со многу скепса и со многу страв. За оние луѓе за коишто ние не успеавме да се надминеме самите себе си и во еден момент се фативме во целата своја човечка беда и вулгарност да им продаваме велосипеди за 500 евра, шеше вода за 2 евра, да им го наплаќаме превозот... не замислувајќи се во ниту еден момент за нивната човечка судбина, вели Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар Битола.

А Илина Чоревска, уметнички раководител во оваа институција, истакнува дека со творештвото на режисерот Итаи Дорон се сретнале на едно од минатите изданија на Шекспир фест. Дополнува дека гледајќи ја неговата ,,Коријолајн“ уште тогаш знаеле дека треба да работи во Народниот театар Битола заради модерниот и иновативен израз, заради храброста еден таков класичен текст да се постави на ултрамодерен начин .

- „Детето сонува“ на авторот Ханох Левин е претстава во која се мешаат сонот и јавето метафорична приказна за возрасни која ги опфака сите основни човекови емоции. Напишана за случка во 1939-та година, а актуелна како да е напишана денес. Светот од тогаш воопшто не се променил. Преплавени сме со слики на бегалци секојдневно, дури и се навикнавме да го гледаме тоа и да кажеме добро е не ни се случува нам. Не умираат наши деца. Но меѓу тие луѓе од кои се плашиме дека ќе стигнат на наше тло има семејства со своја животна приказна со свои соништа, деца кои допрва треба да го изживееат своето детство и својот живот, а завршуваат завиткани во целофан. Ликовите во драмата универзални и без временски мајката, детето, таткото, капетанот, тие можат да бидат било кои луѓе во било кое време тоа можеме да бидеме ние, во тоа и е големината на ова без временско дело, истакнува Чоревска.

Таа и со дополна дека направиле претстава која естетски не наликува на ниедна друга што досега ја погледнала или била исправена на сцена кај нив во Народниот театар – Битола.

Во овој контекст режисерот Итаи Дорон истакнува дека претставата се базира на црн хумор и дека говори како е да се биде личност овде и сега.

Претставата зборува самата за себе. Станува збор за класика. За еден од каноните на израелскиот театар. Напишана е од Ханох Левин нашиот голем национален писател и содржи црн хумор. Го опишува чувството што значи да се биде личност во овој свет. Ова е и политичка сатира која своевремено беше мошне прецизна, исто толку остра и најмногу радикална, смета режисерот.

Во „Детето сонува“, онака како што ја замислил Итаи Дорон, играат Катерина Аневска Дранговска, Борис Чоревски, Огнен Дранговски, младиот Ангел Мицевски, Марјан Ѓорѓиевски, Петар Горко, Соња Михајлова, Борче Ѓаковски, Соња Ошавкова, Петар Мирчевски, Никола Стефанов, Анастазија Христовска и Александар Стефановски.

Инаку, во поставката на „Сонот на детето“ на Левин, освен режисерот Дорон, вклучени се и Омри Розенблум кој бил задолжен за сценографијата и визуелното уредување, Томер Ранбиновиц како автор на оригиналната музика за претставата и Лиор Мајтал како светло-мајстор. Во тимот биле вклучени и нашите Благој Мицевски како костимограф, Александар Димовски како тон мајстор, Снежана Крајчевска Плушкова која се погрижила за преводот и драматургот Билјана Крајчевска.

Таа посочува дека за неа се многу важни три аспекта на оваа претстава.

Првиот е дека воопшто за прв пат во Македонија се поставува претстава којашто зборува за овој проблем, проблемот на миграциите иако ние имаме едно такво искуство. Згора на тоа ова е прв пат да се преведе и постави текст на Ханох Левин во Македонија. Второ е нивната поетика на работа, односно нивната естетика...естетиката на тимов во кој беа режисерот Дорон и неговите соработници. Нивниот документаристички тип на работа. Третиот аспект е ангелот кој е еден од најважните наративи на приказната. Тој со својата камера документаристички го прави коментарот, односно низ неговата визура ние на платното ја гледаме приказната што се случува во претставата, вели Крајчевска.

Кон ова само уште неколку збора за авторот, за големиот Ханох Левин. Роден 1943 година во Тел Авив тој е еден од најоригиналните и најиновативните драмски писатели на својата генерација.

Неговиот опус опфаќа драми, скечеви, песни, приказни, поезија, а тој и самиот ги режирал своите дела.

Карактеристично за неговите претстави е тоа што го отсликуваат неговиот талент да ја комбинира работата на различните уметници, издигнувајќи го вербалното и визуелното поткрепено со големата љубов кон театарот и кон сите оние кои учествуваат во самата изведба.

Уметничката филозофија на Левин се темели на постојаниот порив да се критикува израелското општество и конвенционалната идеологија, а во исто време да е гласноговорник на основните човекови права и егзистенцијалните прашања за животот и смртта.

Цела генерација на израелска театарска публика има израснато со парадоксалната комплексност на драмите на Левин.

А тој, пак, зад себе (починал на 18 август 199 година) остави богато духовно и уметничко наследство: 56 драми, 2 книги проза, 2 збирки на скечеви и песни, збирка поезија и 2 книги за деца.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG