Достапни линкови

Христов со микс на Жари и Шекспир во „Крал Иби“ на Драмски театар


По дваесеттина дена од првата, т.н „предновогодишна“, оваа среда, на 23 јануари во 20 часот, ќе се одржи втората премиера на претставата „Крал Иби“ по текст на Алфред Жари и во адаптација и режија на Васил Христов.

Во предвечерието на премиерната изведба на својата поставка на „Крал Иби“ во Драмски театар, режисерот Васил Христов ќе забележи дека францускиот автор Алфред Жари претставува предвесник на Надреализмот во театарот како и основоположник на Театарот на апсурдот. Дека неговото култно дело се третира како првата модерна авангардна драма во театарската традиција која веднаш по нејзиното поставување на сцена го сврте вниманието на публиката кон артифициелноста на театарските конвенции.

Тој пишува дека овој текст е еден од првите три стилизирани бурлески каде Жари ги исмева и покажува аномалиите на модерното време. Преку главниот протагонист Татко Иби во една структура на гротескна пародија на Шекспировиот Магбет, плашливецот Крал Иби, претставникот на буржоазијата е прикажан како некој кој бескрупулозно гази се* пред себе за да ги достигне своите цели.

Наведува дека преку овој централен карактер кој е познат по неговиот апсурдно инфантилен однос кон светот и кој поседува алчна потреба по низа задоволства, авторот ни ја презентира неговата слика за модерниот човек.Истовремено авторот става акцент и ги издвојува алчноста и моќта за власт како „болести“ во модерниот свет.

Конечно во писанието режисерот заклучува дека денес, 122 година од првата изведба на Крал Иби, повторно му се навраќа на него заради неговата оригиналност и провокативност. Кај Жари, забележува тој, вулгарната гротеска се интерпретира како авторско-режисерско-актерска дистанца и коментар за не-вредностите на современиот човек. Од таму Крал Иби, според него, „е извор на многубројни како теоретски така и практични истражувања и мотив за градење на цели идејни движења во градењето на театарската естетика на дваесеттиот век“.

Тенденцијата моја лична, па и на глумците во претставата, беше да се обидеме да направиме еден исчекор понатаму во однос на театарскиот јазик којшто е вообичаен на овие простори. Кога зборувам за еден исчекор не зборувам во тенденција да одиме намерно кон некој авангарден експеримент. Сите форми на театарот се видени претходно во 1960, 1970-те...Сите експерименти се направени. Меѓутоа сето тоа што било порано авангарда или експеримент сега станува меинстрим на европскиот театар. За жал, меинстримот кај нас се задржа на театар којшто е виден во светот во раните 1950-ти. Експериментот си остана експеримент и едноставно има реска граница помеѓу модерниот, современиот и традиционалниот театар. Ова е обид еден поинаков, модерен, современ јазик се случи на сцената на институционалниот театар, вели Васил Христов, кој по подолго време се јавува со проект во една институција и кому ова му се прва претстава во Драмски театар.

​Режисерот и со дополна дека е презадоволен од соработката со актерите кои се безмалку целото време на сцена и дека заеднички успеале да се изборат со еден тежок материјал во „неговиот колажен пристап кој жанровски е доста тешко да се игра“. Дека „една сцена е комедија до степен дури на карикатура, за потем во следната стане чиста класична трагедија која повторно се крши со некоја гротеска и т.н, и т.н. ... еден склоп на жанровски и стилски разни форми кои дејствуваат како една оправдана целина“.

Во „Крал Иби“, каков што го поима режисерот Христов, играат Игор Ангелов, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Софија Куновска, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска Лаковски, Маја Вељковиќ Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев.

Игор Ангелов, кој го толкува ликот на Татко Иби, истакнува дека завршуваат комплексен проект што нему многу му значи и дека создале еден нивни свет кој е зачуден и интересен.

- Е сега доаѓа тој миг кадешто ја имаме таа возбуда како ќе се допреме со публиката. Нашиот свет е наш свет, ама сега доаѓа моментот кога режисерот треба да каже „фала ви“ и да ни ја остави претставата. Ние да се допреме, да се најдеме со публиката. Тоа е за мене е многу возбудливо како актер, вели Ангелов.

Билјана Драгичевиќ Пројковска забележува дека иако секоја претстава е некое чекорење кон некаква цел, ова било многу специфично за нив. За актерите. Дека било потребно доста време да се сложи текстот, дека имале и врвови и падови при решавањето на сцените, многу радости и многу тага како што е и самата претстава, меѓутоа дека таа „енергетска спојка е многу важна оти тие мора константно да играат во неа“.

- Таа комплетна енергија всушност ја сочинува оваа наша претстава и не смее енергетски да падне во ниту една изведба. И кога има многу публика и кога има малку луѓе во салонот. Се надеваме на големи успеси затоа што оваа претстава има да каже многу работи, вели актерката.

Нејзината колешка Сања Арсовска, пак, забележува дека за неа „Крал Иби“ не се случува само овде во Драмски театар, во Македонија, туку насекаде во светот“.

- Овој микс што е направен со „Крал Иби“ и делата на Шекспир ни потврдува дека од тој 17 век кога Шекспир творел, па се до ден денеска злото е тоа кое секогаш победува. Колку и да постои една ронка надеж, таа надеж паѓа во вода и злото останува да перпетуира насекаде во светот, вели Арсовска.

Зоран Љутков, пак, кој и самиот не многу одамна го толкуваше Крал Иби но во претставата што во Велешки театар како режисер ја потпиша Андреј Цветановски, истакнува дека публиката лесно ќе комуницира со претставата. Но, не на едно обично ниво. Како една дневна политика.

Публиката ќе види како незнаењето ве води на врвот на политичката моќ. Нешто што нас не тангира барем во последниве 20 години. Тоа што ни се случува веројатно и денес. Дека успешните во својата професија се легнати под стапалото на неуспешните во истата таа област и дека тие доаѓаат на врвот на политичката моќ. Од таму бегање нема и за жал сеуште нема промена во тоа. Сепак, онака како што е направена претставата, остава некаква надеж кај голем дел од луѓето дека можеби некогаш нешто и ќе се смени, смета Љутков.

Софија Куновска откако ќе забележи дека ова е второ поставување на „Крал Иби“ во Драмски театар по многу, многу години, истакнува дека тоа донесува една поинаква естетика и за неа многу значаен софистициран хумор којшто на поинаков начин освестува разни проблеми со кои се соочува современото македонско општество, но и пошироко. Таа смета дека претставата не само што ќе биде освежување за репертоарот на Драмски театар после многу години, туку и дека тоа ќе биде проект што со гордост ќе го претставува театарот и на други сцени и простори кадешто тие како творци ќе можат да се мерат со своите колеги што е многу важно за една институција како нивната матична.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG