Достапни линкови

Пребројување и одбројување до Северна Македонија


Гласање за уставни измени во прва фаза во Собрание
Гласање за уставни измени во прва фаза во Собрание

Беса и Алијансата за Албанците ја условуваат нивната поддршка за Преспанскиот договор со прифаќање на нивните барања Македонија да се дефинира како мултиетничка држава, албанскиот јазик да биде официјален на целата територија на земјата, а од државјанството да се избрише зборот македонско.

Финални разговори се водат за поддршка на Преспанскиот договор пред почетокот од третата фаза на уставните измени. На 9 јануари во Собранието започнува третата и последна фаза за промена на Уставот, според договореното за името со Грција, за што е потребно двотретинско мнозинство.

Беса и Алијансата за Албанците се единствените партии кои поднесоа амандмани на уставните амандмани. ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во измените на Уставот. За истиот ден, организации, кои се противат на промена на името, повикуваат на протести пред Собрание.

За денеска се закажани разговорите на власта со претставници на Беса и на Алијансата за Албанците. Претседателот на едното крило на Беса, Биљал Касами, во петокот имаше средба со премиерот Зоран Заев. Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, пак, првин се сретне со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, по што се очекува да се сретне и со Заев.

Села запрашан дали партијата ќе ги поддржи уставните измени доколку не бидат прифатени нивните предлози, рече дека партискиот став ќе го соопштат за неколку дена. Сепак по средбата, во изјава за новинарите премиерот Заев рече дека биле прифатени дел од нивните барања. Поточно, во преамбулата се брише зборот „граѓани кои живеат во границите“ и се набројуваат сите заедници.

Заев објасни дека според таа формулација, излегува дека тие привремено живеат во Македонија и оти со бришењето на зборовите „кои што живеат“ ќе се избегне чувството кај Албанците и другите заедници дека привремено живеат во земјава.Премиерот рече дека од преамбулата е тргнат и зборот „граѓаните“ кој два пати се споменува.

“Прифатено е предлогот да се тргне делот „ кој што живее во границите“ за да не остави впечаток дека граѓаните Албанци и други се како времено да се тука. Го тргнавме и другото „граѓани“ има дуплирање на „граѓаните“ во Преамбулата. Граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ… ќе биде конечната формулација во Преамбулата”, изјави Заев по средбата со Села.

Вицепремиерот Бујат Османи одговарајќи на новинарски прашања рече дека амандманите можеле да бидат и подобри, но дека сепак станува збор за процес кој е продукт на деликатен и тежок компромис.

„Овој процес треба да заврши со двотретинско мнозинство во Собранието, двотретинско мнозинство кое вклучува многу политички партии од многу етнички групи и за да се срочи текст кој ќе обезбеди поддршка на толку многу пратеници мораше да се имаат предвид интересите на сите страни во овој процес. Сè додека не заврши овој процес има ризици да се наруши и да се оштети“, вели Османи.

Тој вели дека не би сакал албанските политички партии, поради наивност или поради недобро снаоѓање, да бидат перцепирани како дел „скриената рака“ за уништување на процесот. Најлошата услуга што може да им се направи на Албанците е да се прати порака дека тие го кочат членството на Македонија во НАТО, вели Османи.

Беса бара да се прецизира дека државата не е моноетничка и во пасошите на припадниците на етничките заедници да не стои зборот „македонско“ во описот за државјанство, тука само да стои „граѓани на Република Северна Македонија“. Алијансата бара албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, а за државата, освен самостојна и суверена, да стои и дека е мултиетничка.

Фадил Зендели од Беса на прес-конференција во Собранието рече дека нивната поддршка за уставните амандмани ќе зависи како ќе помине дебатата. За тоа дека може да бидат кочничари на атлантските интеграции, како што рече вицепремиерот Бујар Османи, Зендели вели дека не се тие кочницата.

„Ние, двајцата пратеници од Движењето Беса ја поддржавме иницијалната поставка за уставните измени, но во текот на процесот се променија правилата на игра, се додадоа и некои нови работи кои за нас како политичка партија и за мене како пратеник Албанец се спорни, тоа е во однос на државјанството. Затоа не можеме ние да преземаме одговорност, нека преземат одговорност тие што ги менуваат правилата на играта“, вели Зендели.

Тој додава дека нивните амандмани не се само политичко прашање, туку како што вели, тоа е есенцијално прашање и не се доставени само про форма.

Професор Никоја Дујовски очекува успешно да заврши целиот процес.

„Очекувам позитивни вести од македонскиот парламент, дека двотретинското мнозинство воопшто нема да биде доведено во прашање. Ние мора да ја завршиме оваа обврска и веќе сме во онаа последна фаза кога не смееме да ја пропуштиме оваа историска шанса да го завршиме тоа што ни стои како обврска и конечно оваа држава да почне да се одлепува од дното на кое се наоѓа“, вели тој.

Дујовски вели дека ова е многу несреќен период во кој Касами и Села се обидуваат да ја изгубат, како што вели, и онака слабата позиција која ја имаат и пред гласачите и пред меѓународната заедница.

„Сега не е време за вакви условувања, сега не е време за вакви барања. Сега е време кога сите задно треба да се сплотиме за Македонија. Нивната позиција не е ни приближно иста како позицијата на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се во независната пратеничка група“, вели Дујовски.

Претходно, премиерот Заев изјави дека е оптимист оти процесот ќе заврши успешно, и порано од предвидениот датум за гласање на амандманите предвиден за 15 јануари, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ реши да не учествува во расправата, но вели дека колку пратеници ќе дадат поддршка ќе се знае на денот на гласањето.

„Ќе сторам сè до последен момент за да обезбедиме двотретинско мнозинство и тоа ќе и го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето. Или ќе го споделиме задоволството од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста на целиот фокус што го дадовме на интеграциите“, рече Заев.

За да биде усвоена и третата фаза од Договорот со Грција за името треба да гласаат 80 пратеници, по што на потег е Грција која во нејзиниот парламент ќе треба да го ратификува Договорот од Преспа.

Министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА, пред два дена изрази убедување дека ратификацијата на договорот ќе добие мнозинство од грчкиот парламент.

„Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници, независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена“, вели Ѕанакопулос и додава дека треба приоритет да бидат интересите на земјата, а не предизборните тактики или партиските стремежи.

И кога во Македонија ќе започне третата фаза од уставните измени, германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Атина. Една од темите на разговорот со државниот врв можно е да биде и Договорот за името. Германските власти пред посетата ја истакнаа поддршката на Берлин за затворање на деценискиот спор меѓу двете земји.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG