Достапни линкови

Американската влада останува делумно затворена


Без договор за крај на делумното затворање на владата на САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:59 0:00

Без договор за крај на делумното затворање на владата на САД

Состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп со лидерите на Конгресот во средата во Белата куќа не донесе договор за ставање крај на делумното затворање на владата. Трамп претходно изјави дека тоа ќе трае „колку што е потребно“.

Претседателот Доналд Трамп и натаму инсистира на неговото барање за финансирање на изградбата на граничниот ѕид со Мексико.

„На САД им треба физичка бариера. Им треба ѕид за да се спречи илегалната имиграција и да запре смртоносниот прилив на дрога и криминал. Имаме трговци со луѓе. Тоа е нешто што е ужасно“.

На состанокот во Белата куќа, како што информира лидерот на републиканците во Претставничкиот дом Кевин Мекарти, демократите не сакале да бидат информирани од претставници за внатрешна безбедност за ситуацијата на границата.

Мекарти додаде дека Трамп побарал од лидерите на Конгресот да се вратат во Белата куќа в петок за да ги продолжат преговорите.

Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер по состанокот изјави дека на републиканците им станува „жешко“.

„Нашата позиција е многу едноставна. На нашиот последен состанок, претседателот рече дека ќе ја затвори владата. Сега ја чувствуваат жештината. Тоа не му помага на претседателот. Не им помага на републиканците да бидат одговорни за ова затворање. Денеска им дадовме можност да се извлечат од тоа и да ја отворат владата“.

Ненси Пелоси, лидер на демократите во Претставничкиот дом пак оцени дека демократите му нудат на Трамп „републикански пат“ за повторно отворање на владата.

„Утре ќе донесеме законодавство што ќе ја отвори владата и ќе се заснова на активностите што ги презема републиканскиот Сенат, на законите што поминаа во Сенатот со над 90 гласови или во Комитетот едногласно“.

Ненси Пелоси која четири години беше спикер на Претставничкиот дом од 2007 година, денеска со почетокот на 116 сесија на овој дом ќе и се врати на таа функција која ќе ја извршува најмалку до изборите во 2020 година.

235 демократи кои победија на изборите во ноември ќе претставуваат мнозинство во Претставничкиот дом кој има 435 пратенички места.

Досега контролата врз овој дом ја имаа републиканците на претседателот Доналд Трамп.

Републиканците и натаму ја држат контролата врз Сенатот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG