Достапни линкови

Романија, претседава со нејзиниот најголем критичар - ЕУ


Сенки врз претседавањето на Романија со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Сенки врз претседавањето на Романија со ЕУ

Романија ја презеде ротирачката улога на претседавач на Европската унија во услови на длабоки политички поделби дома околу спорната реформа на судството, но и со негативни критики од блокот со кој ќе претседава во наредните шест месеци.

Со проекција на знамиња на Романија и на Европската унија на Викторијанскиот дворец во Букурешт беше одбележано преземањето на романското ротирачко претседателство со Унијата.

Ова доаѓа во бурно време за блокот, а само неколку дена откако претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, изрази сомневање во способноста на земјата да ја заврши работата.

Брисел веќе се соочи со проблеми со популистичката влада во Букурешт на повеќе фронтови.

Романија ќе ја предводи унијата во време на серија клучни тестови - Брегзитот, изборите за Европскиот парламент и расправата околуследниот буџет. Романија откако се приклучи во 2007 година е една од земјите-членки каде што рејтингот на Унијата е најголем.

Меѓутоа, нејзината левичарска влада неодамна почна да ја прифаќа националистичката реторика од соседните Унгарија и Полска.

Сите три земји се вклучени во спорови со Брисел во врска со контроверзните реформи кои критичарите велат дека го поткопуваат владеењето на правото.

Ливиу Драгнеа, шеф на владејачката Социјалдемократска партија за кој се смета дека е најмоќниот човек во Романија ја критикуваше ЕУ како „неправедна“, наведувајќи дека Брисел се обидува да му го одрече на Букурешт „правото да има свое мислење“.

Исто така во Букурешт има мислења дека некои европретставници ја третираат Романија како земја од „втор ред“.

Една од главните причини за заладувањето на односите меѓу Букурешт и Брисел е планираниот ремонт на романското судство, за кој владата вели дека има за цел да ги запре „злоупотребите“ од страна на судиите.

Но, Европската комисија сака реформите да бидат укинати, велејќи дека ја поткопуваат борбата против корупцијата во една од најкорумпираните земји во ЕУ.

Владата предложи и амнестија за политичарите, меѓу кои и Драгнеа, кој доби условна затворска казна за изборна измама во 2016 година, а против кој се води истрага во два други кривични предмета.

Во овој контекст, според експертите, преминот на Драгнеа на популистички тон би можел да биде повеќе опортунистички отколку идеолошки.

Како и да е, нема знаци дека владата ќе ги стави своите планови за реформа на судството во застој за време на нејзиното претседателствување со ЕУ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG