Достапни линкови

Неделници: 2019 година на бурна политика и економски надежи


Центарот на Скопје украсен за Нова година.

Неделниците пишуваат за тоа што не очекува во новата година на политички и на економски план.

Фокус – 2019- Политиката нема да му отстапи простор на животот

Најновото, предновогодишно издание на неделникот Фокус е посветено на рекапитуларот на оваа, 2018 година што заминува, и на 2019-та што доаѓа.

„Настаните што нè очекуваат во 2019-та, воопшто не ветуваат дека тоа би можело да биде година во која политиката ќе му отстапи простор на животот“, пишува Зоран Димитровски во воведната колумна „За нештата да станат појасни“. Колумнистот смета дека големите теми нема да нè одминат, ниту, пак, Заев ќе добие посакувано време исклучиво да ѝ се посвети на економијата. За да го предупреди дека „епските теми нема да може да ги користи како оправдување за евентуалните неуспеси“, пишува колумнистот во Фокус.

Глобус - Закон за амнестија, го погреба лозунгот „Нема правда – нема мир“

„Преспанскиот договор во финалниот чин“ – објавува текст онлајн магазинот потпишан со редакција Глобус во кој потсетува дека временската рамка на поминување на Договорот е позната. Судбината на евентуално амнестираните ќе се разјасни до Нова година. Измените на Уставот треба да се изгласаат, засега најверојатно со најмалку 81 „пријавен глас“ на 9 јануари. Вниманието во статијата е свртено кон новоизгласаниот Закон за амнестија, со кој вели, „се погреба лозунгот ’Нема правда – нема мир‘ со кој почна движењето на ’Шарените‘, а со кој падна режимот на Груевски“. Потоа неделникот потсетува дека и кочничарот Иванов го потпишал тој акт, но, вели, Законот остава длабока лузна на лицето на демократијата, при што двата противставени партнери нашле барем некаков минимален заеднички именител. И така натаму, и така натаму за да заклучи дека „власта веќе не се мачи со исходот на гласањето за што говори и фактот дека тоа двотретинско мнозинство е преокупирано со забрзано влегување во процедура на и онака предолго чеканите закони како што е оној за медиумите, за антикорупциската комисија, па оној за статусот на СЈО...“

Капитал - Економијата мора да биде главен приоритет во 2019 година!

И новогодишниот двоброј на неделникот Капитал, инаку јубилеен 1000-ти, е посветен на очекувањата и предвидувањата за 2019 година искажани преку интервјуа со банкари, менаџери на видни македонски компании и креатори на економските политики. Поентата од тие интервјуа е извадена во насловот: „Економијата мора да биде главен приоритет во 2019 година!“

Инаку, Капитал во анализата „Година на домашни партиски битки и надворешни игри без граници“ на Катерина Синадиновска смета дека нè очекува година на бурни политички настани – Уставни измени за имплементација на Договорот од Преспа, амнестија на злочинот од 27 април во замена за парламентарна поддршка на опозицијата, претседателски избори, можни предвремени парламентарни, членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, внатрепартиски прераспоредувања и меѓупартиски битки.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG