Достапни линкови

Неделен печат – Претседателски избори, владини политики и бизнисите на Камчев


Архивска фотографија: Прес конференција по повод една година Влада

Неделникот Капитал пишува дека премиерот Зоран Заев не треба да се кандидира на претседателските избори, Глобус пишува за бизнисите на Орце Камчев во Русија, а Фокус дека владата има погрешна дијагноза за ситуацијата.

Капитал - Замката е Заев за претседател

Во воведната колумна Стенд бај, Капитал пишува „За претседателските избори“, за кои вели дека кријат замка особено откако премиерот Зоран Заев се спомнува како кандидат за претседател на државата. Капитал наведува дека и покрај сета храброст и упорност што ги покажал сегашниот премиер во изминативе 2-3 години, Заев не треба да биде кандидатот на СДСМ за претседател на државата, „тотално руинирана државна функција која особено по двата мандата на Иванов не значи ништо!“ „Замката е Заев за претседател! Не. Заев треба да остане да биде премиер!“, смета авторот на колумната нагласувајќи дека тоа би значело губење на Владата (извршната власт) и веројатно, па и сигурно губење на лидерството во партијата што „не е добро ни за Заев, а уште помалку за земјата“, пишува Капитал и додава дека токму поради обврската да ги води реформите за пристапување кон ЕУ и најважното, со оглед на тоа што како премиер доаѓа од деловниот свет, мора да ги спроведе и економските реформи, кои ќе дојдат по интеграцијата во најголемите светски сојузи. Реформите што ќе ни го дефинираат секојдневниот живот, а за нив треба енергија и дупло поголема храброст од досега покажаната, завршува Капитал.

Глобус - Камчев оваа година 80 пати ја минувал државната граница – во тек е отворање негови бизниси во рускиот град Ростов

Онлајн магазинот Глобус објавува подолга статија во која го разоткрива бизнис кралството на Камчев и неговите зделки, за кого, заедно со Сашо Мијалков, велат дека ја поседуваат речиси половина од македонската економија. „Камчев оваа година 80 пати ја минувал државната граница – во тек е отворање негови бизниси во рускиот град Ростов“, почнува авторот на статијата кој пишува дека според информацијата од СЈО, Камчев имал фирми и во Русија, Бугарија, Холандија, Косово, Србија и во Хрватска и офшор компанија во даночниот рај Албани, во САД. Руската фирма „Здравје оптима“ во Ростов на Дон е една од фирмите што се поврзуваат со Камчев која дури 99,9% е во сопственост на неговиот „Орка холдинг“. Глобус пренесува пишување на една руска новинарка под наслов: „Пудинг по македонски – кој отвори во Ростов ново млечно претпријатие“. Станува збор за компанијата „Семимол“ во која како газди се јавуваат добро познатиот во Македонија Сергеј Самсоненко, некој Антон Мачвариани и – Јордан Орце Камчев... И така натаму и така натаму, сè до изјавата на Самсоненко дека Камчев му е најдобриот пријател во Македонија и дека наскоро во Ростов, на брегот на Дон, ќе почнат заедно да градат и болница која ќе чинела околу 130 милиони евра.

Фокус - Народот кој денес ’пие нафта‘, утре може да блуе оган

„Народот кој денес ’пие нафта‘, утре може да блуе оган“, малку застрашувачки е насловена една од колумните во неделникот Фокус, во која се обработува темата за „погрешната дијагноза“ и „погрешната терапија“. Во СДСМ сметаат дека причините поради кои мнозинството граѓани, особено мнозинството етнички Македонци не застанале зад партијата и целиот прозападен табор се фамозното руско влијание или резидуалната пропаганда на режимот која цела деценија го труеше народот. Па затоа, ако само ги елиминираат тие причини, преку жестока репресија врз сите форми вистинско или имагинарно русофилство во земјава, а наедно ги сотрат и сите форми на десничарско изразување и дејствување, народот конечно ќе се „освести“ и ќе застане на нивна страна, вели авторот на колумната. Па предвидува дека тоа нема да се случи, оти секогаш погрешната дијагноза за причините на „болеста“ води кон погрешна „терапија“, која, пак, секогаш води кон неуспех во „лекувањето“. Не се помалку во заблуда и во ВМРО-ДПМНЕ – наведува колумнистот во Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG