Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ако Вашингтон се повлече од договорот за нуклеарни сили од среден дострел, тогаш неговата земја ќе почне да развива такви ракети.
„Ние сме против поништувањето на овој договор, но ако се случи тоа, ќе реагираме соодветно“.
Заканата на Путин е одговор на ултиматумот од 60 дена даден од американскиот државен секретар Мајк Помпео во вторникот, по неколкумесечните предупредувања од Белата куќа во врска со пактот за нуклеарните сили, потпишан во 1987 година.
„Активностите на Русија сериозно ја поткопуваат американската национална безбедност и онаа на нашите сојузници и партнери. Нема смисла САД да останат во договор што ја ограничува нашата способност да одговориме на руските нарушувања“.
Вашингтон тврди дека Русија поседува ракетен систем наречен SSC-8, способен да ја погоди Европа за многу кратку време и оти тој, наводно, тајно бил развиен во средината на минатата деценија.
Путин пак, вели дека Вашингтон нема докази за тоа и оти станува збор за изговор на Соединетите држави за да излезат од пактот.
Во таков случај, според шефот на Генералштабот на руските вооружени сили Валери Герасимов Русија ќе преземе мерки:
„Ако Договорот за нуклеарни сили со среден дострел на крајот е раскинат, Русија ќе мора да преземе контрамерки. Знаете, како воени експерти, цел на нападот на рускиот одговор нема да биде имотот на САД, туку земјите што имаат американски ракетни системи со краток дострел“.
Во меѓувреме, НАТО е во незгодна позиција. Алијансата ги поддржа американските напори, но некои земји, како Германија и Белгија, се загрижени поради влегувањето вонова нуклеарна трка.
Тие сакаат да и дадат на дипломатијата финален притисок пред какво било повлекување.
Всушност некои земји произведуваат проектили што се забранети со договорот за нуклеарните сили на среден дострел. Москва и Вашингтон невообичаено со овој договор се ограничуваат да го прават тоа.
Вчера, руското Министерство за одбрана објави дека има ново ласерско оружје, последно во серијата напредни офанзивни системи.
На видеото објавено од ова Министерство е прикажано како новиот „Пересвет“ систем излегува од еден хангар.
За време на говорот за состојбата на нацијата во март годинава Путин покажа серија напредни офанзивни оружја што ги развива неговата земја.
Притоа тој го спомна и новото ласерско оружје, како и дрон и ракета на нуклеарна енергија.