Достапни линкови

Европската Унија го одобри договорот за Брегзит


Знамиња на Велика Британија и ЕУ.
Знамиња на Велика Британија и ЕУ.

Лидерите на 27 те држави на ЕУ го одобрија договорот за повлекување и политичка декларација за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија, изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, по вонредниот самит на ЕУ. Станува збор за договор за подобра иднина, изјави британската премиерка Меј.

Лидерите на Европската унија ги одобрија двата клучни документи за заминувањето на Британија од Унијата следната година.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска во Брисел изјави дека лидерите на 27-те држави на ЕУ на самитот го усвоија договорот за излегување на Велика Британија од ЕУ.

"Договорот за Брегзит беше одобрен, но процесот за излез е далеку од завршен", изјави литванскиот претседател Далија Грибаускајт по завршувањето на вонредниот самит во Брисел.

Лидерите на ЕУ го усвоија договорот од 585 страници со кој се дефинираат условите, според кои, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година, како и политичката декларација во која се наведени заедничките цели на Лондон и Брисел за нивните идни релации.

Сепак, договорот се уште треба да биде усвоен од британскиот парламент, а многу законодавци изјавија дека ќе гласаат против него, вклучително и во конзервативната партија на премиерката на Британија Тереза Меј.

Брисел и Лондон по 17 месеци преговори го постигнаа договорот кој треба да го ратификуваат Европскиот парламент и парламентот на Велика Британија ,пред да стапи во сила на 29 март 2019 година.

Меј: Станува збор за договор за подобра иднина

Пред самиотот на Унијата британската премиерка Тереза Мај во јавноста излез со апел за поддршка за договорот.

Во "писмо до нацијата", британската лидерка вети "ново поглавје во националниот живот".. "Тоа ќе биде договор што е во наш национален интерес - за целата земја и за нашиот народ, без разлика дали сте гласале", порача преку Твитер премиерката. "Тоа е договор за посветла иднина, што ни овозможува да ги искористиме можностите што лежат напред", додаде таа.

Лондон и Мадрид се договорија за Гибралтар

Инаку неизвесност околу усвојувањето на договорот имаше до вчера поради прашањето за Гибралтар, но во текот на денот Мадрид и Лондон постигнаа договор

Шпанскиот премиер Педро Санчез вчера ја повлече неговата закана за вето за договорот, откако британските претставници и претставници на ЕУ обезбедија писмени гаранции за можните разговори за Гибралтар во иднина.

Пробивот дојде откако британската влада му напиша на Европскиот совет да потврди дека дека идниот договор ЕУ- Велика Британија автоматски ќе важи за Гибралтар.

Велика Британија го зазеде Гибралтар, област од околу седум квадратни километри на јужниот дел на Пиринејскиот Полуостров, за време на војна со Шпанија пред повеќе од 300 години.

Сега се смета за британска прекуморска територија. Гибралтар е дом на историски стратешката британска поморска база и околу 30.000 жители.

Но, Шпанија бара билатерален договор со Обединетото Кралство за нејзиниот суверенитет.

Велика Британија соопшти дека "никогаш нема да постигне договор" за суверенитетот врз Гибралтар, освен ако владата и народот на Гибралтар, исто така, не се согласат со тоа. Ниту една политичка партија или групација во Гибралтар не го поддржуваат обединување со Шпанија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG