Достапни линкови

„Што е кореографија?“ во Кино Култура


„Dream State“ на Валентино Апостоловски и „Moonlight“ на Александар Георгиев и Дарио Барето Дамас се претставите чии премиерни изведби е планирано да се случат в сабота, на 24 ноември, во Кино Култура, во рамките на проектот на Локомотива - Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата.

Во деновите од претстојниот викенд, в петок и сабота, на 23 и 24 ноември, во рамките на проектот „Што е кореографија?“ на Локомотива- Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје, два несекојдневни настани кои го предизвикуваат љубопитството на домашната културна јавност. Посебно на љубителите на современите, модерните движења во танцот.

Најнапред во петок, во пресрет на премиерните изведби на нивните нови претстави, авторите ќе разговараат со своите гости. Валентино Апостоловски за оваа пригода го поканил мултимедијалниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, а Александар Георгиев и Дарио Барето Дамас се решиле да седнат на заедничка маса со Славчо Димитров и Кумјана Новакова. Модератор ќе биде Биљана Тануровска - Ќулавковски.

И, по еден таков вовед, в сабота, од 19 часот, најнапред е планирано да се обистини „Dream State“ на Валентино Апостоловски. Станува збор за кореографија која тој ја работеше на музика од својот брат Виктор Апостоловски, дизајнот на плакатот е на Владимир Лукаш, а продуцент на претставата е Локомотива Скопје.

Говорејќи за својата нова поставка Валентино вели дека таа е резултат на истражувањата што ги имале на работилниците и за претставата што ја режирала Хана Миленковска, а во кои генерално се бавеле со стравот.

„Оваа моја соло кореографија е некаков дериват од таму. Од тој материјал. И повеќе зборува за осаменоста и стравот од неприфаќање и непознатото. Јас всушност говорам за состојбата на намалена свесност, во која околината е перцепирана како во сон. Непознатото и неизвесноста, односно незнаењето за „тоа што следува“, не прави ранливи и уплашени. Во ред е ако се плашиме, прифаќањето на ранливоста е доблест која не прави отворени кон промените и кон се што се случува околу нас“, истакнува Апостоловски.

„Moonlight“, пак, е инициран и развиван од кореографите и танчери Александар Георгиев и Дарио Барето Дамас. Како уметничко партнерство, тие се заинтересирани за креација на коавторство во рамките на семејните констелации. Посегаат по истражувањето на поетските простори, предизвикувајќи и нагласувајќи ги преиспитувањето на алтернативните линии на размислување. И, сето тоа на релација Стокхолм, Скопје, Софија и Тенерифе.

Александар Георгиев знае да каже дека тие со Дарио се занимаваат со „квир-телото“ и „квир-пристапот“ на различните системи и дека посебно во „Moonlight“ посегаат по „дизни формата“.

Се имаме фокусирано на ре-кодирање на тоа што на пример Дизни како во детството на нас ни има дадено со целиот хетеро-нормативизам. Со целата религиозност и определени кодови кои што не се простор за сонување особено во денешното општество. И со тоа како се развиени работите. Пристапот нам ние е декодирање на сите тие нормативи. Одново канење на луѓето кон една поразлична перпектива на едно „дизни тело“ за разлика од тие коишто ги имаме доживеано и преживеано како деца“, вели Георгиев.

Тој со дополна дека тие работат на современа кореографија. Дека тоа не е електронски туку жив медиум.

„Кога кажувам современа кореографија имам во предвид некомерцијално користење на терминот. Посебно во уметноста. Во танцот. Историски набљудувано. Нема ништо општо со комерцијалноста, има повеќе со историјата – од каде доаѓа кореографијата и т.н“, појаснува Георгиев.

Инаку, за драматургијата на „Moonlight“ се погрижила Нина Гојиќ, дизајнот на звукот е на Емилијан Гацов – Елби, графичкиот дизајн на Немања Трајковиќ, а трејлерот го потпишува Ѓорѓи Десподов.
Згора на тоа, ова е копродукциска претстава зад која застанаа Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Република Македонија и Гаража колектив од соседна Бугарија преку проектот „Ширење уметнички дела 2015-2018“.
И, само уште мало потсетување. Проектот “Што е кореографија?” е куриран од Биљана Тануровска Ќулавковски, а неговата реализација е подржана од Министерство за култура на Република Македонија и општина Центар.
Асистент куратор на проектот е Елена Ристеска, а проект менаџер Виолета Качакова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG