Достапни линкови

Стејт департмент - Неказнивоста останува проблем во Македонија


Стејт департментот на САД.

Владата преземала некои мерки за истражување, гонење и казнување на претставници кои извршиле злоупотреби, вклучително полицајци виновни за употреба на прекумерна сила, но „неказнивоста останува широко распространет проблем“, се наведува во најновиот извештај на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права во 2017 година

Најзначајни прашања во однос на човековите права во Македонија се во насока на извештаите за тортура од страна на затворските чувари, мешањето во приватноста, насилството против новинарите, недостаток на независност во судството и насилството против лицата на ЛГБТИ заедницата, се вели во новиот извештај на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права земјава во 2017 година.

Во извештајот, во кој се проучени практиките за почитувањето на човековите права на 200 земји, во однос на Македонија се вели дека на 31 мај минатата година Парламентот избрал нова Влада предводена од СДСМ, со што се ставил крај на неколкумесечниот процес на формирањето на Владата.

„На 27 април 2017 година, откако мнозинството во Парламентот го избра Талат Џафери за претседател, демонстрантите го нападнаа Собранието што резултираше со повреди на седум негови членови. Медиумите објавија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја исполниле својата должност да ги штитат членовите на Парламентот. Министерството ги казни полицајците кои не ги исполниле своите должности, вклучително отпуштање на осум полицајци“, се вели во извештајот.

Во извештајот исто така се вели дека Владата преземала некои мерки за истражување, гонење и казнување на претставници кои извршиле злоупотреби, вклучително полицајци виновни за употреба на прекумерна сила, но оти „неказнивоста останува широко распространет проблем“.

Кина, Русија, Иран и Северна Кореја секојдневно ги прекршуваат човековите права

Стејт департментот на САД во новиот извештај за човековите права во 2017 година „морално ги осудува“ владите на Кина, Русија, Иран и Северна Кореја за повреди на човековите права на дневна основа, што ги прави „сили на нестабилност“, се вели во извештајот.

При објавувањето на годишниот извештај на САД во кој се испитуваат практиките за почитувањето на човековите права на 200 земји во 2017 година, вршителот на должноста државен секретар Џон Саливан денеска изјави дека додека некои земји не се во состојба да ја одржуваат безбедноста и да ги задоволат основните потреби на нивните народи, други „едноставно не сакаат.“

„Државите кои ја ограничуваат слободата на изразување и правото на мирен собир, кои дозволуваат и вршат насилство против членови на религиски, етнички и други малцински групи или кои го поткопуваат основното достоинство на одредени лица, се морално осудени и ги поткопуваат нашите интереси“, рече Саливан додавајќи:

„Владите на Кина, Русија, Иран и Северна Кореја, на пример, секојдневно ги прекршуваат човековите права во нивните граници и како резултат на тоа се сили на нестабилност“, вели Саливан.

Во извештајот остро се критикува Москва, за која се вели дека „вооружува, води, обучува и се бори заедно со про-руските сили во источна Украина и оти човековите права во Русија продолжуваат да бидат „значително и негативно“ погодени со анексијата на Полуостровот Крим од страна на Москва и со поддршката на сепаратистичките борци во источна Украина.

„Властите исто така спроведуваат политички мотивирани апсења, притвори и судења на украински граѓани во Русија, многумина од нив кои тврдат дека биле мачени. Групите за човекови права потврдуваат дека значителен број на украински граѓани остануваат во Русија како политички затвореници“, се вели во извештајот.

Во извештајот исто така се наведува дека владата не презема соодветни чекори за гонење или казнување на повеќето претставници кои извршиле злоупотреби, резултирајќи со „клима на неказнивост.“

Русија нелегално го анектираше Крим во март 2014 година и продолжува да ги поддржува сепаратистите во источна Украина во конфликтот во кој загинаа повеќе од 10.300 луѓе.

Во однос на Владата во Киев, Стејт департментот наведува дека властите генерално одржувале „ефективна контрола“ врз безбедносните сили на територијата контролирана од Владата, но оти „генерално не успеала да преземе адекватни чекори“ за казнување на повеќето претставници кои извршиле злоупотреби, што резултирало со клима на неказнивост.

„Групите за човекови права и Обединетите нации забележаа значителни недостатоци во истрагите за злоупотребите на човековите права извршени од владините безбедносни сили, особено наводи за тортура, присилни исчезнувања, притвори и други злоупотреби наводно извршени од Службата за безбедност на Украина“, се вели во извештајот.

Извештајот на Стејт департментот не вклучува споредби или рангирања на земјите кои се проучувани.

Извештајот доаѓа откако номинираниот кандидидат за државен секретар Мајк Помпео, од страна на претседателот Доналд Трамп, чека потврда.

XS
SM
MD
LG