Достапни линкови

КРИК 2018 ќе ги преиспитува парадигмите на моќта


Плакатот за третото издание на Меѓународниот фестивал на критичка култура КРИК
Плакатот за третото издание на Меѓународниот фестивал на критичка култура КРИК

„АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“ е насловена генералната тема на третото издание на КРИК – меѓународниот фестивал за критичка култура, кој, во организација на Контрапункт, во неколку делови ќе се одвива од 21 ноември до 19 декември во Скопје.

Бројни предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови ја чинат суштината на третото издание на КРИК – меѓународниот фестивал за критичка култура, кој, во организација на Контрапункт и со генерална тема насловена „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“, во неколку делови ќе се одвива од 21 ноември до 19 декември.

Отворањето на ова случување, кое годинава ќе ги преиспитува „парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството“, е планирано да се случи оваа среда во Музеј на современа уметност во Скопје. Веднаш по овој чин, Маурицио Лазарато, италијански социолог, филозоф и активист кој живее и работи во Париз, ќе одржи воведно предавање „Помеѓу политиките на задолжување и нео-фашистичкиот бран во светот“.

Програмата на првиот фестивалски ден ќе биде збогатена со музичкиот перформанс на Пост глобал трио, за да вечерта биде крунисана со ди-џеј сет на Тони Димитров.

Пост глобал трио - Македонија
Пост глобал трио - Македонија

За четврток се планирани предавањето „За постанувањето поранешен“ и разговорот со Петар Милат од Хрватска и презентација на уметнички видеа Das nackte Überleben / Гол опстанок и разговор со Катрин Бекер од Германија.

В петок случувањата ќе започнат напладне со првиот дел на работилницата за критичко пишување во сферата на визуелните уметности „Јасно и гласно“ на Маја Ќириќ од Србија. Од 19 до 20 часот, пак, е предвидено да се одржи предавањето, презентацијата и разговорот за картографските филмски наративи (Cine-Soma) со Ангела Мелитопулос од Грција. Со неа подоцна ќе дебатира Маурицио Лазарато, а вечерта звучно ќе ја обојат нејзините сонародници - CËRPA со музички сет и Millions of dead tourists кои ќе одржат концерт на КРИК.

Првиот дел од годинешното издание на Меѓународниот фестивал за критичка култура ќе биде заокружен в сабота со вториот дел од работилницата за креативно пишување и со предавање и разговор на тема „Кризата на неолиберализмот, кризата на демократијата“ од Алфредо Саад Фиљо од Велика Британија.

Продолжувањето на манифестацијата е планирано за 7 и 8 декември за кога се предвидени видео проекциите на Фестивалот за архитектура од Копенхаген, Данска, и нашите Контрапункт („Номадски идентитети - талкајќи во внатре во слободата“), потем предавањето „Простори на слободата“ на Јоханес Еберт од Германија и разговорот помеѓу него и Сигне Софи Богилд модериран од Елена Вељановска.

Наредниот ден, во фокусот ќе биде презентацијата на видео дела и разговор со Ника Аутор од Словенија („Newsreel Front - Естетиката во политички ангажираната и посветена уметничка практика“).

Конечно, во рамките на третиот дел на КРИК, кој патем е распослан во периодот од 11 до 19 декември, фокусот е ставен неколку промоции на книги („Мало фолио за театар“ од Иван Додовски, „Jelgava `94“ на Јанис Јовенс, „Напомош,читаме книга!“ и „Опасно читање, поимник за книжевна критика“), дискусија за критиката во регионот во која планирано е да учествуваат творци и критичари од Хрватска, Србија и Словенија и акцент врз критичката култура во филмовите.

„Годинашното издание на КРИК, коешто го има насловот „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“, како и сите претходни, повторно се бави лабораториски со преиспитување на динамиките на односите на моќта, на лошото чувство кај граѓаните дека се исклучени во секоја состојба којашто е прогласена за вонредна“, вели Искра Гешовска, која заедно со Елена Вељановска и Артан Садику го чини уредувачкиот тим на Фестивалот.

Таа дополнува дека ние, и не само локално туку и глобално, живееме во едно време на постојана вонредност кадешто владетелите, суверените, си дозволуваат да ги отвараат оние пандорини кутии во коишто тие автократски ќе се постават во однос на сите општествени динамики.

Вели дека „кога различните наличја на фашизмите (економски, културни, општествени), ни тропаат пред портите, кога суверенот има едно тело на целата втолпеност, тој добива кредибилитет да презема активности кои се спротивни од потребата да се одбрани заедницата. Во целата таа сценографија настапува таа политика која е заснована на концептот на вонредната состојба и на исклучувањето.

„Токму со сите гости коишто се поканети на годинашниот КРИК, и уметници и теоретичари и политички филозофи, економисти, сакаме да ги испитаме можностите, гласно и јасно да се кажат ваквите опасности во општеството и како да се спротивставиме во однос на овие опасности, особено со уметничките, културните практики бидејќи ние никогаш не ги гледаме изолирано тие културно-уметнички практики во однос на политичките практики“, смета Гешовска.

Кон ова уште информацијата дека КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со Мутлимедијалниот институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette и n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата „Светот околу нас – критиката во регионот“, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија) и Проектниот простор „Прес ту егзит“ од Македонија.

Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк

Инаку, Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020.

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG