Достапни линкови

Руско турскиот гасовод, енергетска безбедност или зависност за Европа


Путин: Туркстрим важен за енергетската безбедност во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

Путин: Туркстрим важен за енергетската безбедност во Европа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин, во понеделникот и се приклучија на специјалната церемонија во Истанбул, на одбележувањето на завршувањето на морскиот дел од гасоводот Туркстрим.

Гасоводот, кој се состои од две одделни линии со должина од 930 километри, влегува во Црното Море во близина на Анапа на рускиот брег и доаѓа на брегот во селото Кијикој во провинцијата Киркларели во северозападна Турција.

Преносот на гасот меѓу овие две места, како што е соопштено, ќе трае околу 52 часа.

Ердоган го опиша проектот како историски, наведувајќидека земјата направила големи напори заедно со Русија за да го оживее овој значаен проект.

„Турско-руското пријателство по многу тестирања во текот на годините, дава поволни резултати за двете страни. Никогаш не ја поставивме рамката на билатералните односи според барањата или притисоците на другите земји“.

Ердоган додаде дека Русија и е сигурен партнер на Турција и важен снабдувач на природен гас со кого можат да соработуваат на долг рок, истакнувајќи дека Турција од 1987 година откупила 387 милијарди кубни метри природен гас од Русија.

Туркстрим се очекува да носи над 30 милијарди кубни метри руски природен гас годишно во Турција и Европа, заобиколувајќи ја Украина.

Односите меѓу Москва и Киев се многу затегнати од руската анексија на Крим во 2014 година.

Дури и пред тоа, земјите имаа низа спорови околу цените на гасот, при што Кремљ ја обвинуваше Украина за пренасочување на набавките до домашните потрошувачи наместо да транзитираат кон земјите на Европската унија.

Рускиот државен енергетски гигант Газпром планира да започне со изградбата на копнениот дел од Туркстрим во идната година.

Од своја страна, Путин рече дека испораката на природен гас не е едноставен процес, туку бара висока технологија.

„Покренувањето на Туркстрим дефинитивно ќе им овозможи на нашите земји значително да ја прошират соработката во оваа сфера. Тоа ќе има големо значење за економскиот развој на Турција и целиот регион на Црното Море. Исто така, ќе стане важен фактор кој ќе ја гарантира безбедноста во снабдувањето со енергија во Европа“.

Коментирајќи го енергетскиот проект, Селчук Колакоглу, директор на турскиот Центар за азиско пацифистички студии, го пофали како знак на турско-руската соработка во повеќе области.

„Ова е многу значаен проект. Исто така беше многу брз проект меѓу Турција и Русија и ја покажува целосната соработка, како и економска соработка помеѓу Турција и Русија во целост“.

Турција која целосно е зависна од увозот на гас планира преку Туркстрим да пренесува во Европа најмалку половина од рускиот гас.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG