Достапни линкови

Апокалипса во Калифорнија, шумски пожари


Расте бројот на жртвите од пожарите во Калифорнија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00

Расте бројот на жртвите од пожарите во Калифорнија

Најмалку 30 луѓе загинаа, а стотина се водат за исчезнати во двата џиновски пожара кои беснеат од четвртокот во Калифорнија. Пожарникарите и натаму се соочуваат со силни ветрови додека работат да го локализираат оганот.

Уништувањето и очајувањето се интензивираат во Калифорнија каде што, сувите, таканаречни „ѓаволски ветрови“ и натаму разгоруваат два огромни, смртоносни пожара на спротивните краеви на оваа американска држава.

Североисточно од Сакраменто, огромен пожар уби најмалку 23 лица, а над 100 се уште се водат за исчезнати.

Според локалните власти, ова е еден од најсмртоносните пожари во историјата на државата.

Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун побара американскиот претседател Доналд Трамп да прогласи несреќа во овие делови на државата.

„Ова не е новата нормалност, ова е новата абнормалност и ова нова абнормалност ќе продолжи сигурно во следните 10, до 15, до 20 години. За жал, најдобрата наука ни кажува дека сувото време, топлината, сушата, сите тие нешта, ќе се интензивираат“, вели Браун.

Трамп пак, на Твитер повика на правилно управување со шумите за да се запре уништувањето.

Откако избувнаа во четвртокот, шумските пожари уништија повеќе од 6.700 домови во Перадајз што е најмногу во историјата на Калифорнија.

Огнот дојде толку брзо што многу жители беа принудени да ги напуштат своите возила и да бегаат за својот живот по единствениот пат надвор од градот.

Еден од нив беше и Мајк Смит:

„Тоа речиси изгледаше како апокалипса“, вели тој.

Полицијата соопшти дека биле пронајдени неколку тела во или во близина на изгорени автомобили.

Стотици километри на југ, во близина на богатото место Малибу најмалку две лица загинаа од пожарот.

Шефот на пожарникарите во Вентура Марк Лорензен вели:

„Работите не се какви што беа пред десет години. Стапката на ширење е поголема отколку што беше порано. Ве молиме внимавајте на предупредувањата за евакуација. Немојте да останувате во вашите домови во обид да ги браните“.

За 250.000 луѓе се издадени налози за евакуација - меѓу нив познати личности како Лејди Гага и Ким Кардашијан.

И со ветрови со брзина до 70 милји на час во областа на Лос Анџелес, пожарникарите сè уште не можат да речат кога очекуваат целосно да го угасат пожарот.

Според некои проценки, ќе бидат потребни околу три недели за целосно локализирање на шумските пожари. Пожарникарите соопштија дека оганот бил локализиран на само 25 отсто од подрачјето.

Калифорнија и пред една година беше зафатена со неколку шумски пожари.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG