Достапни линкови

Неделниците анализираат за финансиите


Неделниците Капитал и Глобус ги анализираат реакциите по одлуката на Владата за воведување прогресивен данок. И Фокус пишува за финансиска тема, но за друштва кои доделуваат кредити, но со лихварски камати.

Капитал - Даночните реформи предизвикаа силни реакции во бизнис секторот

Насловната тема во Капитал ги анализира реакциите по одлуката на Владата за воведување прогресивен данок – побогатите да плаќаат повисок данок на доход. „Даночните реформи предизвикаа силни реакции во бизнис секторот“, забележува неделникот и во насловот кажува дека „Бизнис заедницата бара одложување на прогресивниот данок“. Зошто?

„Иако идејата да се зголемат даночните стапки за оние што заработуваат повеќе пари е очекувана од актуелната власт со левичарска идеологија, а беше дел и од владината програма“, потсетува Капитал, и ги наведува првичните пресметки на Стопанската комора на Македонија дека прогресивното оданочување на доходот ќе предизвика за 35 проценти поголеми трошоци за плати и за 50 отсто зголемување на другите давачки“. Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија на вонредна седница усвои заклучоци според кои се побара одложување на реформата за воведување прогресивно оданочување за пет години, за да можело да се спроведат широки консултации со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и бизнис заедницата. Познато е веќе дека новата повисока стапка на персонален данок на доход што се воведува за приходи повисоки од 90.000 денари на месечно ниво ќе изнесува 18 проценти, а се очекува дополнителните приходи во буџетот од воведувањето повисока стапка на данок да изнесуваат 25 милиони евра, со кои ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата, како што објаснуваат во Министерството за финансии, пишува Капитал.

Глобус - Коморџиите побрзаа да заштитат грст енормно богати сограѓани

На истава тема пишува и неделникот Глобус, кој во насловот има критична нота кон барањата на Стопанската комора и Сојузот на стопански комори: „Коморџиите побрзаа да заштитат грст енормно богати сограѓани“, пишува неделникот поткрепувајќи го ова со мислењето на ексминистерот, професор Никола Поповски дека еден процент од населението во земјава зема вкупно 14,4 проценти од вкупниот доход во Македонија. „Тоа е најстрашно во Европа“, вели тој, „никаде нема 1 отсто од популацијата да заработува толку. Значи, Македонија со досегашната пропорционална стапка данок на персонален доход ги зголеми социјалните разлики“. Кого штитат коморџиите, прашува потоа неделникот, па нуди одговор: „Дузина лица од страниците на Форбс!“ Македонија, инаку, е најдолу на листата според вкупните приходи што ги собира како процент од БДП, односно 27,8 проценти за разлика од европскиот просек од 41отсто. Како коментар на коментарите дека прогресивниот данок ќе ги избрка од земјава оние што заработуваат над 90.000 месечно, Глобус ги наведува зборовите на еден економист кој прашува зошто еден стручњак со плата од да речеме 2.000 евра и нов данок на тоа од плус 8 отсто би побегнал на Запад каде што би земал да речеме 3.000 евра плата ама би блаќал данок од 30 проценти!

Фокус - Кредитори или лихвари?

И Фокус обработува тема од областа на финансиите. „Кредитори или лихвари?“ ја образложува неделникот дилемата со прашање во насловот. Па наведува дека во земјава се намножиле финансиски друштва кои доделуваат кредити во брза и едноставна постапка, но со високи трошоци и лихварски камати. Моментално, наведува неделникот, на пазарот постојат над 20 финансиски друштва во сопственост на сегашни и поранешни политичари или нивни роднини, домашни бизнисмени, но и странски тајкуни главно од Бугарија, Русија и други земји од некогашниот Советски сојуз.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG