Достапни линкови

Алили со „Скриени шепоти“ во родното Куманово


Триесеттина фотографии од неговото актуелно творештво, обединети под заеднички наслов „Скриени шепоти“, се претставени на изложбата на академскиот уметник Мухамедали Алили – Дали што од 1 ноември се одржува во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Во „Скриени шепотења“ Алили дискретно се стреми да ни ги покаже, кои се деталите неопходни за создавање на еден мозаик, кој ја пополнува празнината на сликата за светот во кој живееме. Во меѓувреме, човекот како внимателен набљудувач, односно уметникот, своите чувства и перцепции се труди да ни ги открие преку различни форми, без оглед дали тоа е поезија, цртеж или слика.

Преку ваков пристап, Алили танцува во инфразвукот на природата и станува интегрален дел на големата историја на Универзумот. Неговите дела се во потполна согласност со природата, како што и уметноста треба да биде. Во овој долг пат на самореализација, односно уметничка зрелост, Алили успева да ја отслика својата чувствителна уметничка душа.

Ова во својата рецензија за „Скриени шепотења“, фотоизложбата на кумановскиот уметник Мухамедали Алили – Дали што од 1 ноември се одржува во Н.У Центар за култура „Трајко Прокопиев“, ќе го запише приштинскиот поет, ориенталист и познавач на дизајнот и уметноста воопшто Фахредин Шеху. На тој начин тој ќе се обиде да осветли само една од страните на овој творец кој има повеќе интереси. Но, да тргнеме со ред.

Роден на 1 јуни 1972 година во Куманово, Мухамедали Алили – Дали дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професор Димитар Малиданов. Во сферата на неговиот творечки интерес се сликарството, графиката, дизајнот и фотографијата. Зад себе има шест самостојни изложби (во родното Куманово, на два пати во Скопје – во КИЦ и во Националната галерија на Македонија во Чифте амам, во Гостивар, во Приштина соседно Косово и Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, САД), а учествувал и на многу групни поставки во земјава и во странство.

За своето творештво добитник е на повеќе награди меѓу кои Прво место за цртеж на интернационална изложба ДРАУДАКУМ во Гостивар, прво и второ место за фотографија на натпреварите во Приштина и во Прешево, Република Србија, и второ место на меѓународното Биенале за цртеж во Урошевац, Република Косово.

И, по ваквиот вовед нималку не чуди кога Алили вели дека концептот на проектот „Скриени шепотења“ е поглед во еден мал свет во кој секојдневно проаѓаме несвесни за неговото постоење.

„Идејата ми е дека секој мал детал во природата е суштински за целината која како мозаик ја пополнува сликата на светот во кој живееме. Колку и да сме мали ние сепак сме составен дел на големата приказна. Значи, ако обрнеме внимание на деталите светот ќе биде поубав“, вели Алили.

Уметникот со дополнување дека тој е графичар и дека фотографијата е негово хоби. Пасија. Дека ја исползувал можноста на фотографијата како медиум да се изрази ликовно и снимал подолго време. Истакнува дека повеќе од половина декада собирал фотографии и детали и дека всушност од целата таа колекција за оваа пригода одбрал триесеттина кои ги ја чинат изложбата или проектот со наслов „Скриени шепоти“. Но, Дали ќе рече дека тој е повеќе од онаа сорта на творци која не љуби да биде ограничена само со еден медиум. Затоа кога ќе забележи нешто од природата за кое смета дека треба да го фотографира го фотографира. Или ако сето тоа му е некако повеќе како провокација за цртеж, тогаш црта. Или слика.

„Не трпам граници. Најудобно ми е кога можам да се поигрувам во творештвото. Мојата идеја за него е да ја имам слободата универзално да ги употребувам сите медиуми за да изразам една идеја. Еден концепт“, истакнува Мухамедали Алили.

Прашан, пак, за тоа кој ќе биде неговиот следен творечки исчекор Дали вели дека подготвува нова изложба. Овојпат тоа ќе биде со графики, со техниката сува игла затоа што, како што ќе рече, таа им припаѓа на цртачите, а тој самиот е голем љубител на цртежот. Неговиот план е целата наредна година да ја посвети на подготовки и со делата во јавноста да излезе некаде на почетокот од 2020-та.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG