Достапни линкови

Динамитскиот потенцијал на младите


Јовица Јанковиќ, ученик во четврта година во СУГС Георги Димитров

Државата која нема доволно млади ги форсира постарите да работат подолго и повеќе, бидејќи младите во ваквите држави лесно го губат правилниот животен правец, пишува средношколецот Јовица Јанковиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Кај младината има огромен потенцијал. Ние сме како динамит. Знаете зошто? Затоа што динамитот може да направи многу добро или огромна штета, во зависност на кој начин и за која цел се употребува. Ако е искористен на продуктивен начин и за добри цели, тој буквално може да го направи патот за патишта, училишта, фабрики и се што може да биде во прилог за цело општество. Но ако падне во лоши раце може да се направи огромна непроценлива штета, дали е во човечки живот, земја или инфраструктура.

Експлозивниот потенцијал кој го имаат младите мора да се насочи за добри и правилни цели. Затоа треба да знаеме како младите правилно ги насочиме кон иднината. Доколку младите не ги насочиме на правилните патишта во животот со нивниот динамитски потенцијал тие ќе станат деструктивни, како за себе, така и за целото општество.

Сите светски лидери кои велат и ветуваат дека сакаат да создадат убава и просперитетна иднина за својата земја, знаат дека младината во таа земја треба да е приоритет, да се реформира образовниот систем, да се поттикне активизмот и свеста кај младите и да им се даде учество во создавањето на младински политики. Но светските лидери истовремено и се плашат од младината, бидејќи тие се свесни колкава моќ младите всушност имаат. Младите ги започнуваат сите промени во општеството и сите револуции. Сведоци сме на безброј протести, младински, студентски, средношколски, кои биле почеток на огромни општествени и политички промени.

Мнoгу луѓе кога ќе погледнат кон активистите, прво се прашуваат зошто овие луѓе трошат време, средства и енергија за да присуствуваат на настан кој најверојатно нема да промени нешто? И така веќе секојдневие е да се протестира тука па веќе кој ќе ги трпи и овие тука? Блокираат улици и прават застој во сообраќајот „за џабе“. Активистите прифаќајќи го целиот ризик кој следи и последиците кои може да ги сносат, сепак се борат за нивните цели за да не го остават „во наследство“ истиот проблем утре и на следните генерации. Младинските активисти сакаат да му помогнат на општеството преку вештините кои младите ги поседуваат, како на пример прогресивноста, креативноста и силата која ја поседуваме младите! И затоа ние сакаме да ги поправиме овие проблеми не само за подобро утре, туку и за подобро сега! Активистите ќе ги преземат овие ризици, бидејќи ја познаваат својата причина, и се знае можеби само еден мал чин ќе ги поттикне тие кои ја поседуваат моќта да ја направат таа промена!

Државата која нема доволно млади ги форсира постарите да работат подолго и повеќе, отколку што треба, а тоа е од причина што нема кој друг да ги замени, бидејќи младите во ваквите држави лесно го губат правилниот животен правец. Овие последици веќе ги гледаме во повеќе неразвиени земји, каде што младите кои биле амбициозни решиле да трагаат по безбедна и просперитетна иднина, која не ја гледаат во својата земја. Од друга страна, овој проблем постои дури и во поразвиените земји, како што се скандинавските земји. Таму морталитетот е поголем од наталитетот, бидејќи младите се премногу фокусирани на своите лични професионални амбиции и забораваат на создавањето на семејството и семејните вредности.

Но, сепак со сите позитивни работи постојат исто така и големи опасности. Младите луѓе понекогаш се наивни. Ние често пати го немаме тоа „искуство“ кое е потребно за да се справиме со одредени ситуации и предизвици и тоа не разликува нас од постарите! Сепак постарите и помладите ако заедно си помогнат, тогаш можеме да постигнеме многу повеќе, отколку ако сме одделени! Како на пример, младите помалку ги слушаат постарите луѓе кои предупредуваат за грешките кои ги наоѓаат кај младите, бидејќи сепак ние младите сме со мало искуство знаеме претежно да „летаме преблиску до сонцето“. Со помош на возрасните никогаш нема „да се изгориме“.

Зошто младите се динамит? Поради тоа што младите се идеалисти. Постојат светови за освојување, битки за победување, дела што треба да се направат. Ние се уште не сме научиле што не може да се направи. Ние не се плашиме од порази во животот. И бидејќи не сме свесни што не може да се направи, често знаеме да го постигнеме дури и тоа што не може да се постигне. Го тргаме „не“ од невозможното. Ние ја имаме целата енергија на светот, и се чини дека никогаш нема да го оставиме она тоа во кое ние веруваме со голема страст.

XS
SM
MD
LG