Достапни линкови

Додека национално се помируваме, дишеме најзагаден воздух


Архивска фотографија - Загаден воздух во Скопје.

Медиумите пишуваат дека Македонија е меѓу најзагадените земји во Европа. Јавуваат и за предлогот за амнестија за 27 април, за серијата оставки во ВМРО-ДПМНЕ и за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски.

Додека ние во земјава се расправаме дали да има национално помирување или амнестија за напаѓачите во Собранието на 27 април лани, дишеме и најнечист воздух од сите европски земји.

Слободен печат го објави извештајот на Европската агенција за животна средина која предупредува дека токму загадениот воздух е причина за прерана смрт на половина милион луѓе во 41 европска земја од срцеви заболувања, астма и рак на белите дробови. Меѓу најзагадените земји во Европа се Бугарија, Полска и Словачка, а, за жал, ситуацијата во Македонија е прогласена за најлоша.

Случувањата на домашното политичко милје, вообичаено се топ тема во печатените и електронските медиуми. Па на насловните страници на Независен и на Слободен печат читаме: „Жените се разведоа од Мицкоски“ и „Фрчат оставки од Униите на жени и на млади на ВМРО-ДПМНЕ - Жените и младите го напуштаат Мицкоски“. Нова Македонија исто така со слични информации: „Се редат оставки на претседателите на УМС на ВМРО-ДПМНЕ – По оставката на претседателот на Унијата, Лука Кржалоски, оставка поднесоа и претседателот на младите вмровци од Карпош и на градскиот комитет на младите на Скопје“. „По серијата партиски оставки и од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ поради несогласување со актуелното раководство на чело со Христијан Мицкоски, состанок на партискиот Извршен комитет во средата вечер“ – информира Нова Македонија.

Електронското издание на истиот весник плус Независен ја објавија изјавата на доскорешниот, потпретседател на опозициската партија, инаку веќе исклучен од неа, и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев: „Има потенцијали за смена на Мицкоски, би се кандидирал за нов лидер“. Во меѓувреме, Независен објави подолга статија со наслов: „Брегалница тече низ цевка за Мицкоски да печали“, при што потсетува дека во 2015 година, фирма во која сопственост има актуелниот лидер на опозициската партија ја добила од Владата на Груевски концесијата за изградба на пет мали хидроцентрали на Брегалница. Потврда за ова, потсетува Независен, деновиве дојде и од исклучениот од Партијата, Сашо Мијалков, во неговото отворено писмо до Мицкоски.

Актуелна тема во медиумите е и можноста за одземање на пратеничкиот мандат, а со тоа и имунитет на Никола Груевски, кој до 8 ноември треба да се јави во затворот во Шутка за издржување на затворската казна од две години, доколку неговите адвокати не успеат да изработат одложување. Вечер ја објавува изјавата на Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: „Постои опција осумтемина пратеници да гласаат за одземање на мандатот на Груевски“.

Исто така Вечер и другите електронски изданија на печатените медиуми објавија дека „ОЈО отвори предистражна постапка против претседателот Ѓорѓе Иванов откако до Обвинителството биле поднесени две анонимни кривични пријави заради непотпишување на Законот за јазици и на Преспанскиот договор, што претставува непочитување на Уставот“. А Слободен печат ја пренесува изјавата на поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, дадена за печатеното издание на весникот: „Кога веќе се создадоа услови за двотретинско мнозинство, сега е моментот за импичмент против Иванов“.

Сите изданија на пишаните медиуми објавија: „Македонија 10-та во светот според ’Дуинг бизнис 2019‘ на Светска банка“, што е подобрување за една позиција во однос на претходната година. Со рангирањето биле опфатени 190 земји во светот, оценувани според 10 критериуми за водење бизнис.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG