Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ја повика Европа да разгледа каков ефект ќе има врз нејзината безбедност намерата на Вашингтон да се повлече од клучниот пакт за нуклеарното оружје.
Сергеј Шојгу му рече на неговиот грчки колега Панос Каменос на нивните разговори во Москва дека Европската унија и НАТО треба да ги земат предвид последиците од излезот на Соединетите држави од Договорот за нуклеарни сили со среден опсег, предупредувајќи дека тоа ќе има „сериозни последици“ за Европа.
„Заинтересирани сме и за реакцијата на Европа на оваа одлука на САД, бидејќи сметаме дека не сите во Европа разбираат дека оваа одлука ќе има многу сериозни последици пред се за Европа. Затоа, мислиме дека ќе биде неопходна поширока дискусија за оваа одлука во НАТО и во Европската унија“.
Тој притоа го повтори предупредувањето на претседателот Владимир Путин дека Русија ќе ја има за цел секоја земја членка на НАТО доколку САД се повлечат од договорот.
Строгото предупредување на Путин дојде по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека тој има намера да се откаже од договорот за нуклеарно оружје поради наводните прекршувања од страна на Русија.
„Не разбирам дали е потребно да се донесе Европа во ситуација на толку високо ниво на опасност? Всушност, не гледам основа за тоа. Но, ќе повторам дека ова не е наш избор. Ние не го сакаме“.
Путин го отфрли тврдењето на Трамп дека Русија го прекршила договорот за нуклеарни сили од среден дострел потпишан во 1987 година, наведувајќи дека токму Соединетите држави се тие што го прекршуваат.
Џон Болтон, советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп по разговорите во Москва повтори дека Русија веќе имала распоредено ракети што се опфатени со договорот.
„Па, проблемот е во тоа што сега има руски проектили во Европа, а заканата не е американското повлекување од договорот, туку тоа што руските ракети веќе се распоредени“.
Запрашан дали пактот може да биде спасен ако Русија почне да го почитува, Болтон рече дека е тешко да се очекува тоа, со оглед на руските негирања дека го прекршуваат.