Достапни линкови

Пратениците во Собранието, салата празна


Празна собраниската сала

Сè уште не е почната собраниската седница на која треба да се гласа за пристапување кон уставните измени согласно Договорот од Преспа, иако беше најавена за во 15 часот. Нема официјално образложение за доцнењето.

Собраниската седница на која се очекува да се гласа за пристапување кон уставните измени согласно Договорот од Преспа сè уште не почната, иако нејзиниот почеток беше закажан уште за во 15 часот. Нема официјално известување на што се должи доцнењето. Претходно дел медиуми објавија дека е обезбедено двотретинско мнозинство потребно за да се пристапи кон уставни измени. Владиното мнозинство има 72пратеници, што значи дека уште најмалку осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција би требало да гласаат за да почне процедурата за измените на Уставот.

По првичните информации за обезбеденото мнозинство, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес-конференција од име на нивната пратеничка група побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, без дополнително одлагање да ја стави на изјаснување точката за пристапување кон уставни измени.

„Ние како пратеници ќе го кажеме нашиот став и ќе гласаме согласно волјата на народот изразена преку пропаднатиот референдум и недавањето на мандат за уставни измени“, рече Милошоски.

На прес-конференција не присуствуваше целата пратеничка група на опозицијата, туку 30-тина пратеници.

Претпладнево, пратеничката Соња Мираковска од НСДП рече дека дали гласањето ќе биде денеска или некој друг ден, ќе реши претседателот на Собранието Талат Џафери.

„На гласањето ќе видиме дали имаме двотретинско мнозинство, а ние очекуваме тоа да се случи“, рече Мираковска.

СДСМ, пак, во партиското соопштение наведе дека „раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски денеска одново покажаа дека по секоја цена сакаат да ја блокираат иднината на Македонија во ЕУ и НАТО“.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да дејствуваат слободно и да се спротивстават на антизападниот партиски играч Мицкоски и антизападното раководство на партијата“, наведуваат од владејачката партија.

Инаку, денешната седница првично беше закажана за во 12 часот, а потоа одложена за во 15 часот. Пораките од странските политичари, пак, засилено почнаа уште од вчера вечер.

Синоќа претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Жозеф Дол на Твитер напиша дека „клучни одлуки треба да се донесат кои ќе ја одредат иднината на идните генерации“. Тој нагласи дека опозицијата има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и треба да биде конструктивна во демократскиот процес.

И еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан преку Твитер изрази увереност дека пратениците од сите политички партии во македонското Собрание ќе ги тргнат настрана партиските интереси и ќе донесат одлука во интерес на земјата и граѓаните.

На разговори за Договорот од Преспа в понеделник во Македонија пристигнува и американскиот заменик помошник државен секретар за европски прашања Метју Палмер. И тој денеска од Белград, каде што учествува на безбедносен форум, побара од македонските лидери да се издигнат над политичките поделби.

„Особено бараме лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, кое јасно се противи на Договорот, да ги ослободи нивните пратеници да гласаат според совеста и без грижи дека за тоа ќе имаат негативни последици“, рече Палмер.

Процесот за пристапување кон промена на Уставот почна во понеделникот, а по тридневната дебата, вчера не се одржа седница.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG