Италија можеби подготвува нова должничка криза во еврозоната. Главната состојка е екстра големото парче владини трошоци.
И тоа во време кога земјата веќе е презадолжена.
Реакцијата од Европската унија е жестока, а комесарите на ЕУ се заканија дека ќе го отфрлат пакетот, што предизвика војна на зборови меѓу Брисел и владејачките партии во Рим.
И покрај меѓународната критика, ваквиот предлог буџет е популарен кај Италијанците.
Многумина се радуваат да ја видат промената, дури и ако таа предизвика судир со Унијата.
Доменико Циучи оценува:
„На крајот верувам дека Европската унија спроведува политика на напад врз Италија без внимателно да го анализира нејзиниот буџетски закон. Тоа е само напад, без оглед на содржината на законот за буџетот“.
На ист став е и Дарио Мартели:
„Има надеж, има желба за промени, исто така, бидејќи ако гледам во минатото сигурно не се смеам. Минатото не беше просперитетно“.
Други, како Лора Косетини од Рим се песимисти за иднината на Италија:
„Имаме влада на наивни аматери. Искрено, јас сум многу песимист и загрижена за иднината на нашата земја“.
Планот на владата би можело да го зголеми дефицитот на 2,4 насто од бруто домашниот производ во следната година, што е кршење на правилата на Европската унија кои велат дека силно задолжените земји мора да го намалат нивниот дефицит.
Но, Италија ја води коалиција меѓу популистичката партија Лига за Италија и антиестаблишмент движењето „Пет ѕвезди“.
Според аналитичарите, ако новиот италијански буџет мине во парламентот тоа ќе значи декаевропските правила навистина се безвредни.
Во 2010 година, грчкиот долг го загрижи светот.
Италијанската економија е десет пати поголема.
Со речиси 2,7 трилиони долари долг, никој нема пари да ја спаси.
Некои пак оценуваат дека опстанокот на еврото е повторно во прашање.
Тие прецизираат дека со оглед на тоа што многу странски банки имаат вложено големи пари во Италија - тогаш тоа би можело да има катастрофални последици за целата европска економија, а веројатно дури и за светската.