Достапни линкови

Шестоодделенката Јована од Тетово ја донираше својата коса за болни деца


12-годишната Јована Симовска од Тетово ја донираше својата коса за децата болни од рак

Шестоодделенката Јована Симовска од Тетово ја пуштила својата коса за да може да направи плетенка од 30 сантиметри и потоа ја исекла и ја испратила во невладина организација која од таа коса прави перики за децата болни од рак.

Како да направи некое хумано дело се обидувала да смисли 10-годишната Јована Симовска, па по некое време размислувајќи, нашла на интернет добра насока. Да ја скрати косата со цел од неа да се изработи перика за деца болни од рак. Така, шестоодделенката од Тетово годинава ја оставила косата доволно да порасне за да може да направи плетенка долга 30-тина сантиметри што е пратена на организација во Холандија.

„Долго време се обидував да дознаам како да направам хумано дело. Дознав дека можам да ја донирам косата за децата со рак. Мајка ми контактираше со нив, ги праша и тие одговорија дека може да биде косата 30 сантиметри во плетенка, да не биде оштетена и да не биде избоена. Се наоѓа организацијата на Фејсбук, ЗДМ се вика, и нема трошоци, само да се јавиш и тие кажуваат каде треба да испратите, треба во плик. И другите луѓе со долга коса наместо да ја фрлат косата едноставно да ја донираат“, вели Јована.

Ова хумано дело веднаш поттикна и други да прават добри нешта. Сестрата на Јована, која се вика Јана, исто така ја остава да порасне својата коса па потоа да ја донира.

Сакам и јас да ја донирам косата. Уште малку да порасне и ќе ја донирам. Тоа е хуманост за децата болни од рак“, вели Јана.

Двете учат во училиштето Андреа Савески Ќиќиш. Психологот Снежана Стојановска вели дека не постои збор за да опише како се чувствуваат сите во училиштето, поради хуманиот гест на сестрите.

„Кога слушнав за иницијативата и она што го направиле нашите ученички бев фасцинирана, нема на кого не ја споделив таа вест. Сите сме горди во колективот, не само јас како психолог. И велам дека треба да се верува во децата, верба во нивните способности, во нивните иницијативи. Спремни се некогаш да изненадат. Ова пријатно изненадување е за поздравување и се надевам дека ќе поттикне многу други вакви дечиња да бидат хумани да помогнат. Овие две девојчиња изградиле самосвест, сопствен став и со желба нешто да направат за други деца“, рече Снежана Стојановска.

Јована и Јана ветуваат дека и понатаму ќе се обидуваат да прават други хумани дела.

XS
SM
MD
LG