Достапни линкови

НАТО сака поконструктивни односи со Русија


НАТО и Русија ги продолжуваат контактите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

НАТО и Русија ги продолжуваат контактите

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека сака поконструктивни односи со Русија, дури и кога западниот сојуз презема интензивни мерки за да одговори на зголемената воена агресивност на Москва.

Говорејќи по средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Столтенберг изјави дека НАТО и Русија имаат сериозни несогласувања за многу прашања, што го прават дијалогот повеќе од важен.

„Министерот Лавров и јас се согласивме да ги продолжиме нашите контакти“, рече Столтенберг, наведувајќи дека дијалогот со Русија е потребен за да се намалат тензиите и да се „избегнат грешките и недоразбирањата“.

Непосредно пред средбата со Лавров тој оцени дека Русија во последниве години станала поагресивна и затоа Алијансата била принудена да одговори:

„Ова е повторно дел од моделот што го видовме во текот на многу години со зголемено руско присуство во многу делови на светот. Директна поддршка на режимот на Асад, но и употреба на сила против соседите, Украина и Грузија. Ова предизвика најголема засилување на НАТО, на нашата колективна одбрана од крајот на Студената војна“.

Столтенберг прецизира дека НАТО за прв пат на таквите руски активности реагира со распоредување на борбени единици во источните земји членки на Алијансата.

Тој исто така најави дека НАТО наскоро во Норвешкото Море ќе ја одржи најголемата вежба досега, која вклучува копнени, воздушни и поморски сили.

Сепак, како што наведе Столтенберг, НАТО не сака нова Студена војна со Русија:

„Целта на НАТО не е нова Студена војна, сакаме да избегнеме нова трка во вооружувањето, нова Студена војна, па всушност работиме на поконструктивни односи со Русија, Русија е наш сосед“.

Столтенберг наведе дека на средбата со Лавров изразил силна солидарност со Британија во врска со нападот со хемиски отров врз поранешниот руски шпион Скрипал и неговата ќерка во Салсбери, Англија.

За нападот со нервниот гас „новичок“ Лондон ја обвинува Русија која пак го демантира тоа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG