Достапни линкови

Странците даваат поддршка, на Македонија ѝ останува да гласа


Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска имаше средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел кој престојува во работна посета на Македонија.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска имаше средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел кој престојува во работна посета на Македонија.

Поддршка на Договорот со Грција за името и на референдумот на 30 септември денеска дадоа високите дипломати кои се во посета на Македонија. Тие на средбите со политичкиот врв ги поздравија чекорите на земјата за интегрирање во ЕУ и НАТО. Во посета на Македонија се шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања, Арон Вес Мичел и министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати.

Клучевите за европската иднина се во рацете на вашиот народ, не ја пропуштајте историска шанса, рече денеска шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини при посетата на старата скопска чаршија. Таа порача дека вратите на ЕУ се отворени.

„Запомнете кога на 30 септември ќе одите и ќе гласате на референдумот дека вие ги држите клучевите од вашата иднина во вашите раце и никој друг не може да го направи тоа за вас. Не може да си дозволите да молчите и да ја пропуштите можноста да се изразите за тоа каква иднина посакувате за вашата земја“, порача Могерини.

Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Арон Вес Мичел, по средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и очекуваат тој да се спроведе, за да се пречека Македонија како 30-та земја членка на НАТО.

Вес Мичел на средба со македонски пратеници
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:38 0:00

Знаеме дека беа потребни многу работа и компромиси од двете страни. Патот беше долг 27 години за да се стигне до тука. Разговаравме и за следните чекори кои се потребни. Ви даваме голема поддршка, но конечно ова е одлука која само Македонците може да ја донесат за себе. Америка има интерес за Западниот Балкан и се залага за стабилност и просперитет на овој многу важен регион“, рече Мичел.

Од МНР соопштија дека тие разговарале за евро-атлантските перспективи на Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот.

„Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион“, рекол Димитров, соопштија од МНР.

Мичел денеска во Собранието се среќава со претседателот Талат Џафери и со претставници на парламентарните групи. Тој се среќава и со претставници на бизнис заедницата.

Доцна попладнево во Владата Мичел има средба и со премиерот Заев.

Посетата на Матис е огромен сигнал

Посетата на Мичел е само неколку дена пред најавената посета на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека ќе ја посети Македонија за „многу јасно“ да ги истакне американските ставови против руската агресија.

„Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели на многу кусо патување и јасно ќе дадам до знаење дека сме со македонскиот народ“, рече Матис во Пентагон, наведувајќи дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да се вмеша во Македонија исто како во Црна Гора пред влезот во НАТО лани.

Посетата на Матис е огромно значење за Македонија, велат македонските власти.

Тоа е огромен сигнал дека ова е важно и за Вашингтон, бидејќи главниот интерес на Вашингтон за Балканот е стабилност и да нема нови проблеми, напротив“, рече министерот Никола Димитров.

Тема на разговор меѓу шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и нејзините домаќини е иднината на односите меѓу ЕУ и Македонија. Таа пред да допатува во земјата уште еднаш по поздрави „историскиот договор“ постигнат со Грција за името и ја изрази поддршката од ЕУ за Македонија.

Бушати - Договорот со Грција е значаен и за регионот

Во официјална посета на Македонија денеска е и министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати. Бушати изјави дека Договорот меѓу Македонија и Грција, е значаен не само за двете земји, туку и за целиот регион.

Сакам да се придружам на гласовите на сите пријатели на вашата земја, до сите граѓани на вашата земја, особено до Албанците кои живеат тука да дадат поддршка на историскиот Преспански Договор, затоа што независно од тоа штоДоговорот решава отворени прашање меѓу двете земји, тој е од извонредно значење за демократската стабилност на нашиот регион, како и за нашата заедничка евроатлантска перспектива, затоа и посакувам се најдобро на Македонија на 30 септември “, изјави Бушати по денешната средба со министерот за надворешни работи Димитров.

Бушати: Договорот на Македонија и Грција е значаен за стабилнoстa во регионот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:51 0:00

Изминатите денови Македонија доби интензивната дипломатската поддршка пред референдумот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека светот ја препознал решителноста на Македонија да се соочи со проблемите и да тргне напред, па затоа сега ја има поддршката од меѓународната заедница.

„Човек е силен и државата е силна, толку колку што има пријатели“, изјави Димитров.

Земјата ја посетија германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц, министрите за надворешни работи на Луксембург и на Холандија, Жан Аселборн и Стеф Блок, претседателот на Косово, Хашим Тачи. Сите тие повикаа да се излезе на референдумот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG