Достапни линкови

Меркел пристигна во Скопје


Архивска фотогграфија-Премиерот Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин

Германската канцеларка Ангела Меркел пристигна ви Скопје во месецот кој завршува со референдумот за Договорот за името и евроатлантските интеграции. Германија е поддржувач на македонската евро-атланска интеграција

На платото пред зградата на Владата претпладнево имаше свечен пречек за германската делегација предводена од канцеларката Ангела Меркел по што започнаа разговорите меѓу двете владини делегации.

Македоноскиот премиер Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел се видоа неколкупати годинава. Меркел во Берлин го прими Заев во февруари и тогаш ги охрабри двете страни, Македонија и Грција да најдат компромис за проблемот со името. Подоцна, во текот на разговорите германската канцеларка се гледаше и со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Меркел и Заев повторно се видоа и во Брисел, на самитот на НАТО летово, кога земјава ја доби и поканата за зачленување во Алијансата.

Меркел е првиот канцелар кој доаѓа во Македонија, по Герхард Шредер кој накратко ја посети земјава за време на косовската криза во 1999 година. Таа дојде на функцијата канцелар во 2005 година, веднаш по Шредер. Со македонските власти одржуваше добри контакти, па и поранешниот премиер Никола Груевски одеше во Берлин на официјални средби со неа. ВМРО-ДПМНЕ пак има блиска соработка со фондацијата Конрад Аденауер која е тесно поврзано со Христијанско демократската унија на Меркел.

Критики кон ВМРО-ДПМНЕ

Посериозни критики фондацијата Аденауер упати до ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2016 година, кога тогашниот лидер Груевски, од пред просториите на Државната изборна комисија настапи со жестока реторика кон странските амбасадори и меѓународната заедница.

“Да им се префрла на амбасадорите и странските претставници мешање во внатрешните работи и директно влијание врз работата на поединци во ДИК е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми“, напиша тогаш авторот на текстот Јоханес Реј.

А владата што ја раководи Меркел се сметаше за запознаена со случувањата во Македонија по избувнувањето на политичката криза поради прислушуваните разговори. Во мај 2016 година министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер одлучи да именува личен пратеник за состојбите во Македонија а тоа да биде амбасадорот Јоханес Хајндл. Тој потоа, во екот на политичката криза, особено се вжешти по одлуката за аболиција на претседателот Ѓорге Иванов.

Меркел праќа советник за премиерот

Сега во пресрет на посетата на Меркел, актуелниот премиер Зоран Заев најави повторно подиректна инволвираност на официјален Берлин во Македонија. Тој кажа дека ќе се формира германско-македонски управувачки комитет, кој ќе одлучува за економски прашања и дополнително ќе има еден советник во неговиот кабинет. Премиерот најави дека со Меркел веќе го потврдиле управувачки комитет за економија поради сериозната најголема трговска поврзаност со Германија.

“Овој управувачки комитет меѓу Македонија и Германија ќе биде само за економијата, не за политиката“, рече премиерот.

За идниот советник во неговиот кабинет Заев рече дека ќе биде предочен директно од Германија,а посебно од економската заедница.

Инаку Меркел е трет висок гостин кој доаѓа во Македонија неделава. В средата и четвртокот во Скопје беше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а вчера австрискиот канцелар Себастијан Курц. И двајцата побараа од македонските граѓани да излезат на референдумот на 30 септември. Слична порака се очекува и денеска од Меркел. Нејзината посета пак се совпадна со прославата на Денот на независноста, па на платото пред владата на која ќе биде пречекана, вечер според најавите ќе се одржи прослава за 8 септември.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG