Достапни линкови

Столтенберг по втор пат годинава во Скопје


Премиерот Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
Премиерот Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во јануари беше во Скопје, македонската делегација во јули се виде со него во Брисел, а сега тој во пресрет на референдумот повторно допатува во Македонија.

Десетина соговорници од домашната политичка сцена распоредени на околу половина час временска разлика има претпладнево генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

На вториот ден од неговата посета тој се среќава со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, претседателот на Собранието Талат Џафери, градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски, жители на Стајковци, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Генералниот секретар доаѓа во Македонија втор пат годинава. Тој беше во јануари кога разговорите со Грција за името беа интензивирани, но не беше извесно дали и ќе доведат до решение. На прес конференцијата во владата зимоска јасно порача дека нема друг план Б за Македонија, наведувајќи дека “нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името”.

Шест месеци подоцна во јули во Брисел, повторно се виде со премиерот Заев и македонската делегација, но овој пат по решението на проблемот за името да им ја предаде поканата за зачленување во Алијансата.

Сега во Скопје пристигна на нешто повеќе од три недели до референдумот од чиј исход зависи дали земјава и ќе стане членка. Уште од самитот на НАТО во Брисел, кога ја соопшти одлуката на членките за поканата за Македонија, Столтенберг во контекст на референдумот порача дека “ова е животна шанса и дека граѓаните треба да ја донесат одлуката”. Очекувањата и сега се дека пораките за успешен референдум ќе бидат едни од главните што ќе ги испрати првиот човек на Алијансата.

Покрај ова, Столтенберг оди и во Стајковци каде што војниците на НАТО помогнаа при расчистувањето на последиците од поплавите во 2016 година.

Столтенберг се среќава и со скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Од градот планираат една пешачка улица во Градскиот парк да го носи името на неговиот татко, Торвалд Столтенберг, кој почина летово. Постариот Столтенберг е прогласен за заслужен граѓанин на Скопје поради неговото лично залагање за помош по земјотресот во 1963 година. Во тој период тој бил секретар во Норвешката амбасада во Белград и се смета дека голем дел од норвешката помош е по негово лично залагање.

Инаку Столтенберг во Скопје е од вчера. На скопскиот аеродром со интонирање на химните на НАТО и на Македонија го пречека министерката Шекеринска. Од тука заминува во Атина, каде што вечер ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG