Достапни линкови

Дождливото и ветровито време донесе чист воздух во Тетово


Тетово

Поволните временски услови им дозволија на тетовци да дишат. Од средината на април досега речиси и да нема надминување на дозволената загаденост на воздухот. Експертите сепак очекуваат големо загадување зимоска.

Летово жителите на Тетово куртулија од загадениот воздух, барем како што покажуваат податоците од мерењата на квалитетот на воздухот што ги прави Министерството за животна средина и просторно планирање. Речиси во текот на целиот месец мај, како и сите денови на јуни, јули и август нема надминување на границата од 50 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар. Во овие месеци достигнуваат најмногу до 40 микрограми.

Д-р Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје објаснува дека погодните временски услови се причина за ваквата состојба.

„Тетовци дишеа чист и квалитетен воздух оваа сезона од некаде средина на април, па сè до денес, ден-два ако имаше. За разлика од други години кога сме имале високи 500-600 во летниот период, да не заборавиме дека годинава метеоролошките услови се прилично поволни по однос на аерозагадувањето. Не придонесуваат за аерозагадувањето, затоа што имаме голем број на дождливи и ветрови денови. А и во летниот период лиснатата маса на растенија е огромна и тие се еден вид на филтер“, вели д-р Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Според Давидовски, отровните материи во воздухот летово можело и воопшто да ги немало доколку беше подобра комуналната хигиена во градот. Тетовци со денови се соочуваа со големи купишта несобран смет покрај контејнерите.

Не можеме да бидеме задоволни од комуналната хигиена, особено во периодот кога беа гужвите со дојдените од надвор, од печалба на одмор. Видовме тоа по комуналниот смет, кои количини беа. Не можеше да се одржува адекватно комуналната хигиена. Меѓутоа мое мислење е дека поволните метеоролошки услови придонесоа да дишеме квалитетен воздух во овој период“, изјави Давидовски.

Сепак, специјалистот по хигиена и здравствена екологија, прогнозира дека на зима повторно ќе има високо присуство на штетните честички и ќе се чувствува загадениот воздух.

„Во зимскиот период нè очекува, знаете дека Тетово, околу 70 проценти од население се грее на фосилни горива, пред сè на дрва и не очекуваме некое подобрување во однос на другите години. Индустријата учествува со 14 до 16 проценти“, смета тетовскиот доктор по хигиена и здравствена екологија.

Жителите на Тетово најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ 10 честички. Во 2016 година имало 302 дена со загаден воздух, додека во 2017 година воздухот бил загаден во 134 денови, а во 41 немало податоци. Светските здравствени стандарди предвидуваат во една календарска година да нема повеќе од 35 денови со загаден воздух, односно зголемено присуство на отровните ПМ 10 честички.

XS
SM
MD
LG