Достапни линкови

Грција излезе од кризата, тешкотиите доаѓаат


Грција без финансиска помош, предизвиците остануваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

Грција без финансиска помош, предизвиците остануваат

Во Грција и официјално денеска завршува нејзината трета и последна програма за финансиска помош по осумгодишните кратења кои беа спроведени во замена за големи кредити кои ја спасуваа земјата од економски колапс.

Грција претходно се потпираше врз 260 милијарди евра позајмени од Меѓународниот монетарен фонд и нејзините партнери од еврозоната, бидејќи нејзината должничка криза избувна по финансиската од 2008 година.

Иако по завршувањето на финансиската помош нема да се бараат нови кратења, она што веќе е договорено најверојатно ќе ги погоди идните генерации.

За секоја година во текот на следните четири децении, владите ќе мора да заработуваат повеќе отколку што трошат, истовремено обезбедувајќи дека економијата, која се намали за една четвртина од 2009 година да расте со разумна стапка.

Пензионерите се соочуваат со претходно договорени нови намалувања на приходите во следната година, додека една година потоа се очекува и зголемување на даночната основа.

Додека Грција ја враќа економската автономија, за многу Грци, тоа не значи и голема надеж.

Сопственичката на продавница за сребро Параскеви Кољамби е скептична, велејќи дека последните две години биле исклучително тешки, но и оти иднината продолжува да изгледа „црна“.

„Се на се, мојот син мора да плаќа 60 насто од својот приход за даночни, пензиски и социјални придонеси. Како може да преживее?“.

Еден од пет Грци сé уште е невработен, а малкумина добиваат државни бенефиции.

Просечниот приход падна за повеќе од една третина, додека даноците се зголемија.

Клиничката депресија е распространета, бројот на самоубиства се зголемува, а стотици илјади квалификувани работници заминаа од земјата.

Христос Мармаринос, сопственик на мини-маркет смета дека странските инвестиции ќе бидат клучни за економскиот раст на Грција.

„По 20 август, ако нема нови странски инвестиции, мислам дека ние Грците сега сме на дното и бараме странските пријатели и партнери да инвестираат за да можат луѓето да најдат работа и растот полека се врати во нашата земја“.

Една област на економијата која несомнено е просперитетна е туризмот, придонесувајќи околу 20 насто од БДП, при што официјалните претставници предвидуваат рекордно високи 32 милиони пристигнувања оваа година.

Манос Чаѕидакис, раководител за истражувања во Бета секјуритис вели:

„Треба да се направи повеќе, почнувајќи од даночниот систем кој сега не би го нарекол пријателски, правниот систем мора да донесува одлуки побрзо, што ќе има директно влијание врз привлекувањето на инвестициите. Во целина, работите треба да станат повеќе европски , ако можам да кажам така, во начинот на кој државата обезбедува клучни услуги“.

Огромниот долг во Грција и уште поголемиот во Италија остануваат финансиска закана за Европа, која би можела да потрае и цела една генерација додека се смири.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG