Достапни линкови

Неделници - Референдумот закажан, субвенциите исплатени


Фокус пренесува дека референдумот е закажан, а енигма се бојкотот и цензусот. Капитал, пак, пишува дека се исплатени сите заостанати земјоделски субвенции.

Фокус - Референдумот закажан, енигма се бојкотот и цензусот

Референдумот се закажа, објавено е и референдумското прашање... Ама, како и секогаш, постои едно ама. Сега енигмата се евентуален бојкот и цензусот, тие волшебни зборови кои како да претставуваат лош сон за власта, но и за опозицијата. Во време на овие дилеми и прашалници, летниот двоброј на неделникот Фокус објавува интервју со министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска, инаку професор по уставно право и политички систем, која од правен аспект расчистува некои дилеми, а неделникот за наслов ја одбрал поентата од интервјуто: „Бојкот на референдум нема да го сруши Договорот со Грција, туку ќе го зацврсти!“ Тренеска-Дескоска вели: „Договорот со Грција е склучен и ратификуван во Собранието. Оние кои нема да гласаат на референдумот, всушност, не помагаат за отфрлање на договорот. Ако нема цензус, нема обврска Собранието да дејствува на овој или оној начин. Немате одлука. Само ако има повеќе граѓани што се против договорот, при остварен цензус, Собранието ќе мора да ја поништи ратификацијата на Договорот“, објаснува од правен аспект Тренеска-Дескоска за последиците од евентуалниот бојкот на референдумот. Оттаму, министерката за правда во интервјуто за Фокус јавно ја поставува дилемата: „Дали можеби ВМРО-ДПМНЕ со евентуална одлука за бојкот, молчешкум го поддржува Договорот и се задоволни што спорот е решен, а тие немаат никаква одговорност за тоа?“

Капитал - Исплатени сите заостанати земјоделски субвенции

Во двобројот на Капитал, покрај другото, еден наслов го задржува вниманието. Имено, поентата од интервјуто со Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој: „Ги исплативме сите заостанати земјоделски субвенции од сите претходни години“. Бабовски наведува дека Агенцијата наследила големи ненамирени обврски од страна на претходната влада, и тоа по Програмите за финансиска поддршка од 2014 до 2017 година. Тоа се вкупно четири години и огромна сума на средства што реално беа на земјоделците, но од некои причини не беа исплатени, додава Бабовски. „За 11 месеци сите заостанати долгови од вкупно 144 милиони евра се исплатени, и тоа по Програмата за земјоделство нешто повеќе од 129 милиони евра, за Програмата за рурален развој вкупно 15 милиони евра и за Програмата за рибарство и аквакултура околу 300 илјади евра. „На тој начин“, подвлекува Бабовски, „земјоделците и тој сектор добија нов, свеж капитал што би можеле да го реинвестираат во нови насади или, пак, во нова модерна земјоделска механизација“. Затоа што, според зборовите на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, „само со реинвестирање на субвенциите може да се унапреди домашното земјоделско производство“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG