Достапни линкови

Медиуми - Илинден и референдумот


Одбележување на Илинден пред споменикот на Никола Карев пред Собранието во Скопје

Македонија ги слави двата историски Илиндена – објавуваат сите електронски изданија на пишаните медиуми. Печатените медиуми информираат и за претстојниот референдум, за тоа како ќе гласи прашањето и ставовите околу него.

„Заев и Борисов во Благоевград на втората заедничка прослава на Илинден“ – ја насловува Вечер информацијата што, исто така ја објавуваат и Нова Македонија, Независен и Слободен печат, кои пренесуваат и дека претседателот Иванов се обрати во Крушево, премиерот Заев во Пелинце и претседателот на Собранието, Талат Џафери во Скопје.

Празникот си е празник, ама од друга страна си е политиката. Печатените медиуми информираат за претстојниот референдум и за тоа како ќе гласи прашањето и ставовите околу него. Слободен печат излезе со насловна на која напиша: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку прифаќање на спогодбата со Грција? – премиерот Заев го соопшти референдумското прашање“. Нова Македонија, Вечер и Независен ја пренесуваат изјавата на премиерот Заев: „Ако нема цензус, ќе одлучуваат институциите“. Вечер во наслов го цитира премиерот: „Имам мандат до декември 2020, а овој мандат може да заврши на 30 септември“. Печатените медиуми информираат дека ДИК, која треба да го спроведе референдумот закажан за 30 септември го усвоила Правилникот за негова подготовка, организирање и спроведување при што политичките партии ќе бидат исклучени од овој процес. Изјаснувањето на граѓаните ќе може да го набљудуваат само граѓански невладини организации.

Весниците информираат и за посетата и средбите на вршителот на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на САД за Европа, Метју Палмер со македонското државно раководство како и со првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Мицкоски и Али Ахмети. Независен, Вечер и Нова Македонија во наслов цитираат што кажал претседателот Иванов на средбата со Палмер: „Не прифаќам договор што е штетен за македонските национални интереси“. Ја цитираат и изјавата на Палмер дека се надева оти „македонските граѓани на 30 септември ќе ја донесат вистинската одлука“. Исто така сите електронски изданија на весниците објавуваат дека „Мицкоски пред Палмер ја обвини власта за формулирањето на референдумското прашање“. Независен објави анализа со наслов: „Разногласие во ВМРО-ДПМНЕ – и за референдумот“. Па додава дека тоа, најверојатно, е една од причините поради кои новото раководство на партијата, притиснато од различни струи, во последните неколку месеци постојано осцилира во ставовите во однос на спроведувањето на Договорот со Грција и со референдумот.

Пишаните медиуми информираат дека организацијата „Млади за Македонија“, која стоеше зад дел од протестите против промена на името, почнала да организира иницијатива за собирање потписи за противставувачки, таканаречен „Татковински референдум“.

Слободен печат објавува разговор со националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, со наслов: „Да се помириме со соседите преку прифаќање дека сме еден дел од географска Македонија“. Пред некој ден, Слободен печат излезе со циничен подбивен наслов: „Оваа власт навистина знае да штеди – си купија 45 пасати, ушпараа 30 илјади евра, замислете да купеа сто!“ Независен ја објави реакцијата на Владата: „Не е луксузирање набавката на возила, направени се заштеди. Со нив ќе се возат сите министри и други членови на институциите“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG