Шефот на Центарот за атмосферска физика и климатологија во Атина Христос Зерефос вели дека комбинацијата фактори на животната средина создала совршена бура со која шумскиот пожар се проширил толку брзо и однесе над 90 животи во некогаш бујната и густо населена област.
„Беше дефинитивно зона со висок ризик, наречена рај, но како што видовме, тоа беше рај што требаше да се изгуби“.
Според Зерефос, густите борови шуми кои го покриваа ридот беа високо запалив материјал, особено поради многу сушното лето. Тој додава и тоа дека боровите биле премногу блиску до куќите.
Зерефос предупредува дека областа сега се соочува со ризик од катастрофални поплави.
Надојдени води сега ќе можат многу побргу да се движат по истиот рид што веќе е избришан од пожарот.
„Значи, ова е уште една опасност, и поради многу сложената топографија на областа и многу наведнатата топографија кон морето, водата може брзо да надојде и со сите овие уништени структури сигурен сум дека поплавата во оваа област ќе донесе уште една катастрофа“.
Зерефос смета дека патиштата мора да бидат повторно изградени за да се обезбеди сигурен пристап до морето и правци за лесно бегство, а пристапот до заливот да биде без пречки.
Според него, властите требаше да бидат обучени да користат модерна технологија за процедури за евакуација, вклучувајќи и предупредувања на мобилни телефони.
Но, тој предупреди на „почести екстремни временски феномени“, кои, како што додава може да станат нормална работа во иднина поради климатските промени.
„Ќе има се повеќе и се почести екстремни временски феномени, бидејќи климата на глобално ниво е дестабилизирана".
Според него, тоа е поради тоа што луѓето со согорувањето на фосилни горива додадоа дополнителен извор на топлина на Планетава.
„Треба да научиме да ја почитуваме силата на феномените што секогаш била почитувана од човештвото. Во изминативе 20.000 години, човештвото секогаш им се поклонувало на природните феномени“, вели Зерефос.