Достапни линкови

Пристапувањето кон ЕУ комплексен и скап процес


Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлантски интеграции на премиерот Зоран Заев и Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања го претставуваат концептот за преговарачката структура за пристапување на Македонија во ЕУ
Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлантски интеграции на премиерот Зоран Заев и Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања го претставуваат концептот за преговарачката структура за пристапување на Македонија во ЕУ

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и советникот на премиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција го најавија воспоставувањето на координативно тело за процесот на пристапување кон ЕУ. Според нив, се работи за тежок и скап процес, но се убедени дека ќе биде успешно завршен.

Комплексно, скапо и тешко ќе биде пристапувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, порачаа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и советникот на премиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ на прес-конференцијата на која го најавија воспоставувањето координативно тело кое ќе го води процесот.

Според нив, процесот ќе биде успешен, а има и капацитет за негово спроведување. Сè уште не се знае колку точно луѓе ќе бидат ангажирани, но, освен функционери, ќе бидат вклучени и државни службеници и експерти.

Се прави и анализа колку пари ќе чини функционирањето на координативното тело, при што средствата ќе бидат обезбедени од Министерството за финансии и од ИПА фондовите.

Османи посочи дека тие треба да спроведат три паралелни процеси кои се однесуваат на пристапувањето кон ЕУ. Имплементација на Договорот со Грција, испорака на итните реформски приоритети, како и скринингот и подготовка за преговори во услови кога треба да се одржи и референдумот, да се спроведат уставните измени и да се одржат претседателските избори во наредната година.

„Меѓутоа, Владата која успеа за една година да затвори три големи политички прашања и да го испорача планот 3-6-9 ќе го направи и ова во периодот кој што следи. Така да немам дилема дека ќе успееме, меѓутоа ќе биде многу комплексен и тежок процес. Опозицијата ќе биде апсолутно повикана да биде вклучена во секој чекор од овој процес. Ова не е обврска на оваа Влада, значи генерациска е определбата за членство во ЕУ“, порача Османи.

Маричиќ рече дека сите три паралелни процеси се меѓусебно поврзани и очекува тие да бидат успешно завршени и тие да бидат крунисани со почеток на преговорите со ЕУ во јуни наредната година.

„Капацитет секако дека има. Ние сме држава кандидат од 2005 година и уште во тоа време се воспоставени структури коишто требале да ги започнат преговорите, а кои во меѓувреме се грижеа за спроведувањето на националната програма за приближување на законодавството кон ЕУ. Меѓутоа, факт е дека не можеме да се потпреме само врз овие капацитети и потребно е нивно зајакнување и зголемување. Бројката конечно се уште не можеме да ја кажеме, се работи за стотици луѓе кои во исто време ќе бидат ангажирани, а до крајот на процесот може и бројката да дојде до илјада“, истакна Маричиќ.

Координативното тело ќе биде составено од премиерот Зоран Заев, неговите заменици и неколку министри, како и државна делегација, преговарачка група, канцеларијата на главниот преговарач и секретаријат на преговарачката група, а ќе има и 35 работни групи задолжени за поглавјата кои ќе се отвораат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG