Достапни линкови

Трамп, Црна Гора и трета светска војна


Трамп: направив лапсус кога говорев за руското мешање во изборите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

По критиките, Трамп прифати дека Русија се мешала во изборите

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека направил лапсус кога по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки изјави дека не гледа зошто Москва би се мешала во американските претседателски избори во 2016 година. Трамп во интервју за Фокс њуз повторно го стави под сомневање основниот темел на НАТО, заедничката одбрана.

Една година откако го поттурна црногорскиот премиер Душко Марковиќ, за време на самитот на НАТО, американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз ја доведе во прашање обврската на Соединетите држави да ја бранат оваа балканска земја во рамките на НАТО.

„Тие се многу агресивни луѓе, тие можат да бидат агресивни и честито, вие сте во Трета светска војна", рече Трамп во интервјуто со Такер Карлсон на Фокс њуз канал, откако беше запрашан зошто американски војници би требало да одат да ја бранат Црна Гора.

Трамп постојано ги критикува членките на НАТО за нивните придонеси во Алијансата и тврди дека Соединетите држави го имаат најголемиот дел од финансискиот товар.

НАТО кој е формиран во 1949 година за одбрана од воената закана од Советскиот Сојуз, се потпира врз воената супериорност на Соединетите држави во соочувањето со безбедносните ризици на европските граници.

Заложбата да се одбранат меѓусебно е темел на Алијансата и каква било сугестија дека Соединетите држави нема да дојдат да и помогнат на Европа, бидејќи, како што посочи Трамп, должи „големи“ суми, може да биде своевиден удар врз нејзината безбедност.

Трамп кој го шокираше светот, одбивајќи да го критикува рускиот претседател Владимир Путин, со кој се сретна во Хелсинки, за мешањето на Москва во американските претседателски избори во вторникот се обиде да објасни што тој навистина кажал во врска со ова прашање.

Тој изјави дека направил лапсус кога во Хелсинки изјави дека не гледа зошто Москва би се мешала во американските избори.

Трамп во Белата куќа рече дека всушност сакал да каже дека не гледа зошто Русија „не би“ била одговорна за мешање во тие избори.

„Но, всушност излегов и го разгледав одговорот што го дадов и сфаќам дека има потреба од некое појаснување. Требаше да биде очигледно, мислев дека ќе биде очигледно, но би сакал да разјаснам во случај да не беше. Во клучната реченица во моите забелешки го реков зборот „би“ наместо „не би“. Реченицата требаше да биде, јас не гледам никаква причина зошто јас не би бил или зошто тоа не би била Русија“.

Трамп наведе дека го прифаќа заклучокот на американската разузнавачка заедница дека Русија се мешала во изборите на кои тој стана претседател, но негираше дека неговиот изборен штаб бил во дослух со Москва во текот на предизборната кампања.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG