Достапни линкови

Светот во фудбалска еуфорија


Почнува Светското првенство во фудбал
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Почнува Светското првенство во фудбал

Светот од денеска до 15 јули ќе биде зафатен од фудбалска треска. Започнува 21 Мундијал. Првиот натпревар е во 17 часот на стадионот Лужники во Москва меѓу репрезентациите на домаќинот Русија и Саудиска Арабија, а половина час претходно е свечената церемонија на отворањето на шампионатот.

На Црвениот плоштад во Москва се одржа концерт на класична музика во чест на претстојниот Светски куп на ФИФА.

На концертот наречен „Гол симфонија“ присуствуваа рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на ФИФА Џани Инфантино и голем број други високи функционери и шефови на држави.

Светското првенство ќе се игра во 11 градови низ европскиот дел на Русија.

Фудбалската треска веќе ја зафати Москва.

Повеќето од навивачите пристигнуваат најпрвин во рускиот главен град пред да заминат во другите градови за да ги следат нивните национални тимови.

Домаќинот најавува зголеми безбедносни мерки за да се избегнат секакви инциденти.

Абделатиф Масуд од Мароко вели:

„Атмосферата е одлична тука во Русија, во Москва, тоа навистина е одлично, има прослави насекаде, луѓе од целиот свет, 32 земји тука одеднаш“.

Австралискиот навивач Грант Робсон не го крие задоволството од атмосферата:

„Па ние сме тука со туристичка група од околу 90 Австралијци. Бевме надвор од градот, на неколку дневен туризам“.

Каролина Солано од Костарика пак, додава:

„Навистина ни се допаѓа, многу ни се допаѓа тука. Сите овде, луѓе од целиот свет, па да, ние сме среќни што сме тука“.

На Мундијалот во Русија за прв пат во историјата на Светските првенства ќе се користи видео технологијата ВАР, односно судење со помош на видео снимки.

Претседателот на ФИФА, Џиани Инфантино деновиве во врска со тоа изјави:

„Тоа ќе биде голема помош за судијата и мораме да му помогнеме на судијата ако можеме. Во 2018 година не е повеќе разбирливо што сите, било да се дома или на стадионот, знаат за неколку секунди дали судијата направил грешка, голема грешка, и тоа може да се случи, бидејќи тие се човечки суштества, а единствениот кој не знае е судијата“.

Титулата првак на светот ја брани Германија.

На Конгресот во Москва ФИФА го избра и домаќинот на Светското првенство во 2026 година.

Заеднички ќе го организираат Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.

Тогаш за прв пат ќе играат 48 тимови, што е за 16 тимови повеќе од сегашниот мундијал во Русија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG