Американски и севернокорејски официјални претставници во неделата се состанаа на силно обезбедената граница меѓу Северна и Јужна Кореја, во обид да ги постават темелите за тет а тет средбата меѓу Трамп и Ким.
Тоа го потврди со твитер порака и претседателот Трамп.
Тој исто така напиша и дека „Северна Кореја има брилијантен потенцијал“ и оти „еден ден ќе биде голема економска и финансиска нација“.
„Ким Џонг Ун се согласува со мене околу ова. Тоа и ќе се случи“, наведува Трамп.
Белата куќа соопшти и дека друг американски тим заминал за Сингапур за да работи на техничките подготовки за можниот самит.
Трамп во минатиот четврток се повлече од предложениот состанок на 12-ти јуни.
„Решив да ги прекинам подготовките за самитот“, рече тогаш Трамп.
Меѓутоа, веќе следниот ден, во петокот тој ја преиспита одлуката.
„Ќе видиме што ќе се случи. Може да биде и на 12 јуни“.
Претходно, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја потврди неговата посветеност да се сретне со Трамп.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин кој во саботата имаше ненадејна средба со Ким Џонг Ун изјави дека состанокот мора да се одржи:
„Ние се согласивме дека самитот на 12 јуни треба успешно да се одржи и дека не треба да биде прекинат нашиот пат за денуклеаризација и постоан мир на Корејскиот Полуостров. Ние се согласивме да соработуваме за ова“.
Јужнокорејскиот претседател по состанокот со Ким Џонг Ун призна дека Пјонгјанг и Вашингтон може да имаат различни очекувања за тоа што значи денуклеаризацијата.
Американски официјални лица се скептични дека Ким некогаш целосно ќе се откаже од својот нуклеарен арсенал, а Мун соопшти дека Северна Кореја сé уште не е убедена дека може да им верува на безбедносните гаранции дадени од страна на САД.