Достапни линкови

Казната за Груевски и преговорите за името во фокус на печатот


Никола Груевски
Никола Груевски

Двете години казна затвор за Груевски, дуелот Заев - Мицковски, како и преговорите за името со Грција се темите кои ги обработува дневниот печат во Македонија

Веста којашто веројатно ќе беше вест на денот, како да доби конкуренција со веста на деценијата, како што оценија повеќето медиуми, за првиот лидерски ТВ дуел по децениско одбегнување од страна на Груевски: „Груевски доби две години казна затвор за набавката на мерцедесот“ – објави Нова Македонија додавајќи дека Груевски не дошол на изрекувањето на пресудата. И Вечер ја објавува истата вест: „Груевски е осуден на 2 години затвор за набавката на мерцедесот“.

Слободен печат е најинвентивен: „За тоа на ’М‘ 2 години ’З‘“, алудирајќи на телефонскиот разговор на Груевски со тогашната министерка за полиција, Јанкуловска, во врска со набавката на скапото возило, а што се слушна од таканаречените бомби. Вечер објавува и дека „Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала по пресудата за Груевски“.

Независен, следејќи ги случувањата, во насловот напиша: „Полиција и поддржувачи пред судот пред првата пресуда за Груевски“. Нова Македонија, но и другите електронски изданија на печатените медиуми ја објавија и пораката на Груевски на својот ФБ профил: „Главата горе Македонци, доаѓаат подобри времиња“. Инаку, порталите на дневниот печат се преполни со извадоци и видео-исечоци од „првиот ТВ дуел Мицкоски и Заев на МТВ“, како што наслови Нова Македонија. Вечер го нарече „ТВ дуел на деценијата – Мицкоски спроти Заев“ цитирајќи: „Мицкоски: Ќе верував во независно судство ако ве осудеа. Заев: СЈО се формираше зашто ВМРО беше во криминал до гуша“.

Независен вади друг цитат од премиерот Заев, во врска со преговорите за името: „Добивме потврда плус од Грција дека сме Македонци, лесно е да се биде само против, без да кажете алтернатива“. Нова Македонија и Слободен печат информираат за настапот на премиерот Ципрас во грчкиот Парламент: „Преговараме врз основа на четирите имиња предложени од Нимиц“. Вечер излезе со наслов: „’Илинденска‘ доби уште едно ’Охи‘, -Коѕијас бара на маса да се вратат предлозите на Нимиц“. Слободен печат со симболичен наслов: „Во Њујорк ќе се води битка за ’Илинденска Македонија‘“. Во сенката на информациите за првата изречена затворска казна за поранешниот премиер Груевски и за првиот ТВ дуел по 11 години помеѓу лидерите на двете најголеми партии, поминаа вестите дека е извршена долго најавуваната реконструкција на Владата: „’Големата‘ реконструкција се сведе на козметика“, наслови Независен кој според неофицијални информации тврди дека „во СДСМ владее тивко незадоволство поради тоа што СДСМ е приморана да се ослободи од свои кадри на сметка на проширување на парламентарното мнозинство“.

Нова Македонија ги објави и промените: „Тренеска-Дескоска од образование – министерка за правда, Арбр Адеми, досегашниот нејзин заменик – министер за образование, Асаф Адеми од Беса на Гаши – министер за култура“. Нова Македонија објави дека „Анита Ангеловска-Бежоска е нова гувернерка на НБ на РМ“, откако во Собранието за неа гласаа 81 пратеник. Таа досега беше вицегувернер. Вечер и Независен објавија: „Владата формира работна група која треба да го реши проблемот со токсичниот отпад ’линдан‘ во ОХИС“. Пред извесно време беше обелоденето дека во кругот на Охис со децении е складиран токсичниот отпад и дека никој досега не презел нешто да се реши тој проблем.

XS
SM
MD
LG