Достапни линкови

Нимиц задоволен - Димитров и Коѕијас завршија добра работа


Медијаторот Метју Нимиц изрази задоволство од денешната средба со шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Сунио. Тој порача дека завршиле добра работа пред средбата на премиерите во Софија

“Би можел да го oкарактеризирам денешниот состанок со двајцата министри како сериозен, тежок, на моменти тензичен. Но, мислам дека завршивме позитивна работа. Министрите сега се враќаат во своите земји за да ги информираат премиерите за деталите како подготовка за состанокот на Самитот во Софија следната недела, на 17 ти мај”, кратко изјави медијаторот Метју Нимиц по денешната средба со Димитров и Коѕијас во Сунио.

Со оваа изјава на Нимиц, веќе станува извесно дека средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе има, и тоа на маргините од самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија следната недела. Денешната средба на шефовите на дипломатиите на двете страни, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со медијаторот Метју Нимиц беше уште еден обид за приближување на ставовите за спорните прашања во преговорите за името. Денеска немаше изјави од министрите, но вчера по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на балканските земји и Вишеградската група, министерот Димитров истакна дека преговарачкиот процес е во последната и најделикатна фаза.

“Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза, факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сѐ и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред самитот во Софија и наша должност е да најдеме едно решение што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре, рече Димитров во изјава за медиумите.

Неговиот грчки колега Коѕијас пак рече дека од моментот кога ќе се договорат двете страни и ќе постои правна ратификација на договорот, патот за да се отворат преговори со Европската унија ќе биде отворен.

Мислам дека од моментот кога ќе се договориме и ќе постои правна ратификација на договорот, патот за да се отворат преговори со Европската унија е отворен. Ќе имаме нов круг преговори, доаѓа и Нимиц. Претходните преговори се одржаа во Солун, без негово присуство. Мислам дека ако и двете страни длабоко од срце сакаме да завршиме со проблемот би требало и да се реши. Како што велам со Никола, како министри повикани сме да решиме проблем што не го создадовме, рече Коѕијас.

Како што изјавија Димитров и Коѕијас по последната нивна средба во Солун на 3 мај, се разгледуваат можни комбинации за потешките прашања. Главните разлики се во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и за опсегот на употреба на името што би било договорено.

Премиерот Зоран Заев во неколку наврати повтори дека Владата останува максимално посветена на процесот, како најодговорен субјект, но очекува поддршка и од опозицијата.

“Добро е што направивме исчекори, тие се огромни. Се надевам дека и за она што е останато за крај, а е многу сериозно и важно, ќе се изнајде решение кое ќе го почитува достоинството на двете земји и идентитетот на граѓантие,” изјави вчера во Охрид премиерот Зоран Заев во пресрет на денешната нова рунда разговори за прашањето за името во Атина.

Шефовите на двете дипломатии, минатата седмица одржаа билатерална средба на маргините на министерскиот состанок во Солун, додека пак последниот круг преговори во присуство на Нимиц се одржа на 25 април во Виена.

Македонија се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ во јуни од кој очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на јулскиот Самит на НАТО.

Во меѓувреме некои грчки весници објавуваат дека постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса.

Според информациите на весниците "Катимерини" и "Та неа", договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес.

Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори и дека за Македонија да ги направи овие отстапки, треба да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG