Достапни линкови

Воени акции на Блискиот Исток, загриженост во светот


Ракетни напади меѓу Израел и иранските сили во Сирија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Ракетни напади меѓу Израел и иранските сили во Сирија

Одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече Соединетите држави од нуклеарниот договор со Иран ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, каде што се интензивираа ракетните напади меѓу иранските сили во Сирија и израелската војска.

Израелски воени авиони денеска извршиле напади врз Дамаск и други цели на територијата на Сирија на што, како што објави сириската новинска агенција САНА, било одговорено од сириските воздушни одбранбени сили.

Сириската државна телевизија пренесуваше дел од акцијата на противвоздушната одбрана.

Претходно израелската војска соопшти дека иранските сили стационирани во Сирија истрелале околу 20 ракети врз израелски воени цели на Голанската висорамнина.

Ракетите, како што се наведува, не предизвикале жртви и поголеми штети.

Некои од ракетите биле пресретнати од израелските одбранбени системи.

Израел деновиве се наоѓа во висок степен на вонредна состојба поради, како што е наведено, „невообичаени движења на иранските сили во Сирија“.

Тоа е особено нагласено откако претседателот Доналд Трамп донесе одлука за повлекување на Соединетите држави од меѓународната нуклеарна спогодба со Иран.

Тој на состанокот со неговиот кабинет во Белата куќа го предупреди Иран да не ја обновува нуклеарната програма, но додаде дека бил отворен за преговори за нова спогодба.

„Значи, или ќе направиме навистина добар договор за светот или нема да направиме договор воопшто“.

Трамп најави дека санкциите врз Иран ќе бидат обновени наскоро.

Реза Мараши, директор за истражување во Националниот иранско американски совет вели дека санкциите, особено по едностраното повлекување од договорот без да се понуди алтернативно решение, нема да го решат иранското нуклеарно прашање.

„Мислам дека тоа ќе ги оштети врските на Америка не само со Европската унија, со европските земји, туку и со голем дел на Блискиот Исток. Многу конфликти се случуваат на Блискиот Исток сега. Тензиите меѓу САД и Иран нема да ги подобрат овие конфликти. Всушност, веројатно ќе ги влошат“.

Според него, големите компании, особено европските, по одлуката на Вашингтон да ги врати санкциите врз Иран, би можело да загубат милијарди долари со откажување на трговските спогодби.

Тие ќе мора да ги прекинат договорените зделки со Иран или ќе се соочат со парични казни и санкции од американската администрација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG