Достапни линкови

САД излегуваат од нуклеарниот договор со Иран?


Трамп решен да се откаже од договорот со Иран
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Трамп решен да се откаже од договорот со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп решил да се повлече од нуклеарниот договор на Иран, наведува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на изјави на двајца претставници на Белата куќа. Според нив, уште не е познато како ќе го стори тоа.

„Ќе видиме што ќе се случи. Не ви кажувам што ќе направам, но многу луѓе мислат дека знаат. И, на или пред 12-ти ќе донесеме одлука“, изјави деновиве претседателот на САД Доналд Трамп.

Како што крајниот рок се приближува, Ројтерс дознава дека Трамп, сепак, решил да се повлече од нуклеарниот договор со Иран.

Двајца официјални претставници на Белата куќа и неименуван извор во администрацијата изјавиле за Ројтерс дека претседателот е на пат за извлекување на САД од договорот, но оти се уште нема донесено конечна одлука.

Останува нејасно и како точно Трамп има намера да се откаже од договорот.

Тој беше постигнат во 2015 година меѓу Иран, Соединетите држави и пет други големи светски сили.

Со него беа укинати санкциите во замена за ограничувања на нуклеарната програма на Техеран.

Договорот од претходникот на Трамп, претседателот Барак Обама беше оценет како надворешно-политичката победа:

„Со овој договор се постигна значителен успех и се фокусира врз опасностите од нуклеарното ширење на ефективен начин“.

Трамп во неколку наврати го нападна договорот.

„Тоа беше ужасен договор, никогаш не требаше да се направи“.

Според договорот, Трамп мора до 12 мај да реши дали да продолжи да ги суспендира американските санкции врз Иран.

Повторното наметнување санкции значи прекин на договорот и брз одговор од Техеран кој посочи дека може да ја обнови својата нуклеарна програма.

Американските сојузници кои го потпишаа договорот, меѓу кои и Франција, Германија и Велика Британија, лобираат Трамп да се држи до договорот.

Францускиот претседател Емануел Макрон, во обраќањето во американскиот Конгрес изјави:

„Ние го потпишавме, и САД и Франција, затоа не можеме да кажеме дека треба да се ослободиме од тоа“.

Меѓународните набљудувачи велат дека Иран се придржува кон условите на договорот.

Техеран постојано негира дека развивал нуклеарно оружје.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG