Политичкиот ветеран Мило Ѓукановиќ во неговиот изборен штаб изјави дека била остварена уште една вредна победа на европската политика во Црна Гора.
„Овој изборен резултат, пред сè, го разбирам како потврда на цврстата решеност на Црна Гора да продолжи по европскиот пат, да продолжи по патот кон достигнување на европските вредности, европските стандарди и полноправно членство во Европската унија“, рече тој.
Тој и неговата владејачка Демократска партија на социјалистите минатата година ја доведоа Црна Гора во НАТО и ветија дека ќе ги завршат разговорите за членство во Европската унија.
Претседателската улога во Црна Гора во голема мера е церемонијална.
Но, Ѓукановиќ, кој ќе го наследи својот сојузник Филип Вујановиќ, се очекува да има значителна моќ и влијание врз политиката преку Демократската партија на социјалистите.
На второ место на претседателските избори се најде Младен Бојаниќ, бизнисмен поддржан од страна на сојуз партии, вклучувајќи и некои кои сакаат поблиски врски со Русија.
Тој, според проекциите, освоил над 33 отсто од гласовите.
Бојаниќ на прес-конференцијата по објавувањето на проекциите, им порача на своите гласачи да не гледаат на ова како на пораз, туку како на основа за идна борба.
„Јас секако не сакам да им ја честитам победата, бидејќи немам што да им честитам. Да сум на местото на Ѓукановиќ јас би се срамел вечерва а не би славел“, рече тој.
За време на кампањата, опозициските кандидати го обвинија Ѓукановиќ за непотизам, корупција и врски со организираниот криминал, наводи што тој постајно ги отфрлува.
Ѓукановиќ доминираше во политиката како премиер или претседател на оваа поранешна југословенска република со околу 620 илјади жители, но се повлече од функцијата премиер во 2016 година.
Тој го објави своето враќање минатиот месец, наведувајќи дека имал, како што рече, „одговорност за иднината на Црна Гора“.