Достапни линкови

Галеоти: Србија потенцијален тројански коњ на Русија во ЕУ


Британски аналитичар од Европскиот совет за надворешни работи, Марк Галеоти

Клучниот играч на Русија на Балканот е Србија, вели во разговор за Радио Слободна Европа британскиот аналитичар од Европскиот совет за надворешни работи, Марк Галеоти. Според него, ЕУ срамно го запоставила Балканот, а тоа Русија вешто го користи.

РСЕ: Господине Галеоти, вашето ново истражување е насловено „Дали Западниот Балкан се соочува со доаѓањето на руската бура?“. Дали дојдовте до заклучок и одговор на тоа прашање?

За жал, одговорот е најверојатно да. Нема да започне како бура, туку ќе почне како повремени врнежи од дожд, но мислам дека е јасно оти Русите се вртат кон Балканот од оваа година и го поставуваат блиску до центарот на својата геополитичка стратегија за разлика од минатото.

РСЕ: Кој е најевидентниот сигнал за тоа?

Прво, уште од очигледниот обид за државен удар во Црна Гора, кој на едно ниво искрено беше повеќе од фарса, но во исто време и многу сериозен, бидејќи демонстрираше волја да се оди многу подалеку од кое било ограничување кое постоеше до тогаш. Но, потоа, она што го видовме, пред сè, во смисла на тоа какви разговори се водат во Москва и јавни и оние далеку од очите на јавноста, јасно е дека покажаа поголемо внимание особено за Србија и Босна од различни причини.

Второ, на сите тие знаци треба да се додаде и дека Николај Петрушев, кој е секретар на Советот за безбедност и близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин и кој е еден од најголемите јастреби на руската влада, е задолжен за Западен Балкан и регионот.

Видовме порано од други примери во минатото што се случува кога некој е задолжен, иако неформално за некоја земја или регион. Го имаме Владимир Сурков во претседателската администрација кој е задолжен за Украина, додека Сирија всушност е во рацете на министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Така и Петрушев доби своја територија за да си игра со неа. Имајќи превид дека тој е многу голем јастреб во политичка смисла, тој многу ќе се потруди секој неуспех на ЕУ и на НАТО на тој простор да се претвори во добивка за Русија. Мислам дека тој гледа на Западниот Балкан како област каде што постои простор за такви потези.

РСЕ: Но, која е стратегијата за Балканот? Можеме ли да ги видиме првите знаци што би можело да биде?

Многу јасно гледаме дека улогата на Србија е клучна, како што и очекувавме, бидејќи е нивниот најблизок сојузник. Она што е интересно е што сега гледаме дека Русија многу повеќе е ентузијаст за членството на Србија во ЕУ. Додека порано некогаш знаеа да кажат дека „сè е на Србија“, сега се многу појасни во врска со тоа и ја охрабруваат да оди само напред. Причината за тоа е што се обидуваат да ја развијат Србија како нивен потенцијален тројански коњ внатре во ЕУ, политички, но и економски. Така што, мислам дека првата задача е да се охрабри Србија да се приближи до ЕУ. Втората задача е во суштина да се создаде цела серија на локални конфликти, не мора со оружје, туку политички.

РСЕ: Дали мислите дека ова што во моментов се случува со Косово и со српскиот претседател Александар Вучиќ на некој начин е поврзано со Русија?

Не смееме да потцениме во колкава мера луѓето на Балканот се во состојба да имаат расправа и несогласувања без никој да ги поттикне. Но, сосема сигурно е дека ова тие го поддржуваат. Сè што создава тензии во регионот е добро за Русија во овој момент.

РСЕ: Вие очигледно ја делите перцепцијата на Русија дека пристапот на ЕУ за Западниот Балкан не е сериозен и не е систематски и дека тоа Москва го користи како прилика да оствари одредени цели. Што тогаш би требало ЕУ да преземе за тоа да го спречи?

Едно од првите и фундаментални прашања е, ЕУ да донесе одлука што планира со регионот. Јас тоа ни на момент не би го поддржал, но некој можеби мисли дека сега не е време за проширување, дека земјите од Западниот Балкан не се ни близу, економски и политички, во позиција да се приклучат и само да ја подвлечат линијата. Не би сакал да видам тоа да се случи, но и покрај тоа, е некаква позиција.

Или, од друга страна, да кажат: ова се европски држави и како и земјите од Централна Европа им треба нашата помош и поддршка, а секако и одредено ниво на притисок за да ја достигнат фазата во која може да станат членки на ЕУ. Ова е, можеме да кажеме, некаква позиција на ЕУ во теорија. Како е во пракса јасно е од нејзините акции и изјави, а особено кога имате неофицијални разговори со луѓето во Брисел тогаш гледате дека во овој момент тоа не е приоритет на никого.

РСЕ: Како се поочигледно фијаско е самитот во Софија следниот месец, кој на почетокот го најавија како многу важен, а сега се обидуваат да го намалат неговото значење. Но, тие веќе стануваат вообичаени проблеми за ЕУ и со тоа се остава простор на другите.

Можам да укажам на многу специфична работа. Го видовме февруарскиот состанок на ЕУ. Таа ситуација во која е изложена прилично отворената политика наклонета кон проширувањето, иако се разбира, не е речено дека тоа ќе се случи наредната среда, но во суштина се беше во знакот на создавање прилично јасни чувства за датуми.

Но, кога се сретнаа министрите за надворешни работи јасно се покажа несогласувањето, некои рекоа оти тоа е многу далеку, а други дека земјите не се подготвени за тоа. Значи да, станува збор за сериозна политика на ЕУ, тогаш соодветните одговори би биле подготвени претходно, за во моментот кога јавно треба да се објави таа политика, да има консензус за неа. Фактот што министрите за надворешни работи практично негираа се што беше речено, покажува уште еднаш дека од старт тука немало сериозна политика.

XS
SM
MD
LG