Достапни линкови

Прва градинка во општина Старо Нагоричане


Отварање на првата детска градинка во Младо Нагоричание
Отварање на првата детска градинка во Младо Нагоричание

Градинката е предвидена за 20 деца, а ќе биде комбинирана и за целодневен престој. Во моментов се запишани 10 деца. Надлежните велат дека отворањето градинки во рурални средини е од големо значење

Во состав на основното училиште во селото Младо Нагоричане, во општина Старо Нагоричане, отворена е градинка со капацитет за 20 деца, во која за почеток се пријавени десетина. Со ова ќе се помогне на децата за подобра социјализација и едукација, а на нивните мајки ќе им се овозможи да се вработуваат, оти во селата во оваа рурална општина младите повеќе заминуваат, отколку што остануваат.

„Оваа установа е предвидена за 20 деца, а ќе биде комбинирана и за целодневен престој. Во моментов се запишани 10 деца, но се надеваме дека ќе добиеме уште една група од исто толку. Во моментот градинката ќе работи како дел од Детската градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, а планираме наскоро и ние како општина да отвориме градинка, која самите ќе ја стопанисуваме“, изјави Жаклина Јовановска, градоначалничка на Старо Нагоричане.

Министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, смета дека отворање градинки во средини во кои никогаш немало, особено во руралните подрачја е од големо значење, особено што во изминатиот период тие неоправдано биле запоставувани. Според неа, на овој начин, не само што се овозможува подобар раст и развој на децата, туку се поддржуваат и родителите, особено жените од овие средини, кои многу често се спречени да се вклучат на пазарот на трудот, токму поради немање поддршка во грижата за децата.

Општината Старо Нагоричане за првпат добила објект за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Наменски адаптираниот простор е со површина од околу 90 квадрати со посебен влез во подрачното основно училиште. Адаптирањето на просторот чини околу три милиони денари и е дел од меѓуопштинската соработка на Куманово и Старо Нагоричане.

Марина Алексовска, директорка на gрадинката „Ангел Шајче“ од Куманово, во чиј состав е и новоотворената градинка, вели дека за почеток се вработени по еден воспитувач, неговател и хигиеничар.

„Предучилишата дејност е приоритетна и многу битна, многу значајна за децата. Тоа е најпродуктивен период кога децата најинтензивно стекнуваат вештини, знаења, вештини и навики. И градинките се неопходни и во градските и во руралните средини“, додава Алексовска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG