Достапни линкови

Ако еден родител има потреба, градинката треба да воведе втора смена


Архивска фотографија: Детската градинка Јасна Ристеска од Охрид.

Сите градинки во кои ќе има заинтересирани родители треба да воведат сменско работење. Децата ќе се згрижуваат во прва смена, како и досега, или во втора смена, но нема да може да бидат оставени во градинка по цел ден.

Градинките во цела Македонија ќе имаат обврска да воведат втора смена доколку има интерес од родителите. Таму каде што нема ниеден родител што има потреба да го носи детето во втора смена, градинката може да одлучи да не воведе. Досега втора смена имаше само во градинки во Куманово, Центар и во Чаир, а шест нови градинки – во Гевгелија, Кочани, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп потврдиле дека имаат потреба од втора смена и тоа им било одобрено од страна на Министерството за труд и социјала. Градинките кои имаат повеќе објекти не мора да организираат две смени во сите објекти, туку во онолку колку што има потреба.

Дел од родителите со кои разговаравме велат дека во градинките им биле кажувани различни работи за сменското работење од оние што беа соопштени од министерството. Министерката за труд и социјала Мила Царовска вели дека недоумиците се партиски мотивирани и апелира до сите градинки да им излезат во пресрет на родителите.

„Ова е веќе на некој начин политичка или партиска тенденција да се одвраќаат родителите. Ова е барање на граѓаните градинките да работат и втора смена и треба системот да им излезе во пресрет на граѓаните, а не да се води некаква партиска битка во однос на ова прашање, коешто навистина е во интерес на родителот и во интерес на детето“, вели Царовска.

Почетокот на работното време на градинките ќе биде како и досега, но не порано од 5:30, а ќе затвораат во 22 часот. Но, тоа не значи дека детето ќе може да биде оставено во градинка 16 часа, туку 8-10 часа, како и досега, во зависност од смената во која родителите се на работа, вели Царовска.

Мила Царовска
Мила Царовска

„Значи детето може да биде згрижено 8-10 часа во зависност од потребите на родителите, да го остават на пример во 8, да го земат во 18 часот, но нема да може да го остават две смени, поради тоа што е организиран режим на појадок-ужинка-ручек-ужинка во прва смена, а во втора смена ќе имаме ручек-ужинка-вечера. Значи, тука исто така треба да биде внимателно дека 16-часовен престој на детето во една просторија нема да може да биде организиран“, вели Царовска.

Дел од родителите се жалат дека од градинките им било кажано дека на почетокот на годината ќе мора да одберат дали сакаат детето да им оди прва или втора смена и оти тоа ќе важи цела година. Царовска вели дека тоа не е точно и оти „е тенденциозна манипулација со родителите“.

„Градинката треба да излезе во пресрет на родителот и ако родителот има сменско работење преку една или преку две недели, тој ќе си го носи детето согласно неговата работна смена, прва или втора смена. И досега така се организираа градинките коишто работеа и втора смена и тука нема ништо комплицирано. Единствено апелирам до градинките само да ја организираат својата работа, тие ќе знаат кој доаѓа оваа недела прва, а кој втора смена, а кој како ќе доаѓа наредната недела“, вели Царовска.

Таа вели дека досегашните искуства покажуваат дека нема голем притисок за втора смена оти во втора смена обично има по една комбинирана група.

Синдикатот за образование, наука и култура смета дека одлуката е избрзана и без соодветни подлабоки анализи како да се изведе. Велат дека временскиот рок за реализација е многу краток, анкетирани се многу мал број на родители во период на годишни одмори, како и дека нема соодветни просторни услови и капацитети, нема доволно кадар.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG