Достапни линкови

„Лица без маски 2018“ со нагласено ангажирани политички претстави


Сцена од претставата „Јами дистрикт“

Со документарно-политички ангажираната претстава „Јами дистрикт“ на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Тиватскиот културен центар и Битеф театар од Србија, во четврток, на 12 април, во Домот на АРМ во Скопје, ќе започне 11-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, кој годинава ќе се одвива под мотото „Најди начин“.

По јубилејното издание кое порача „Остави трага!“ и кое следуваше по годините кога се извртеа и „Остани стабилен“, „Ништо не е црно и бело, ВИСТИНАТА Е ВО СРЕДИНАТА“, „Ослободи се!“, „Фрли ја маската!“, 11-от Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“, чија мисија е „да создава поинакви светови“, ќе се одвива под мотото „Најди начин“. Причината е проста и едноставна. Организаторите беа исправени пред предизвикот да најдат начин да истраат во времето во коешто живееме, што практично подразбира да најдат начин како да го одржат годинешното фестивалско издание на „Лица без маски“.

„Од нам сè уште нејасни причини, по 10 години не бевме поддржани од Министерството за култура со финансиска помош која во изминатите години беше навистина скромна но значителна и можеби мотото си дојде самото по себе како еден проглас дека нас ни недостасуваше многу повеќе за да го реализираме овој Фестивал. Благодарение на пријателите од неколку европски амбасади во земјава, Градот Скопје, Универзална сала и другите институции, најдовме начин сепак да ги донесеме оние веќе закажани претстави, квалитетни и високо професионални, независни продукции од Србија, Грција, Косово, Шпанија“, вели Игор Ивковиќ, селектор на програмата на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.

Во дослух со реченото, на самиот почеток од новото издание на Фестивалот, театарско и самомислечко Скопје ќе има можност да ја проследи политички ангажираната претстава „Јами дистрикт“ во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Тиватскиот културен центар и Битеф театар од Србија. Претставата, чиј автор е Милена Боговац, е работена во форма на лажен документарец, кој брутално и болно зборува за бесмислата на националните поделби на балканските простори во време на хај-тек ерата.

Говорејќи за проектот, режисерот Младеновиќ ќе рече: „Јами дистрикт“ Навистина е претстава која удира и во стомакот и во главата. Сакавме да направиме нешто радикално, нешто што требаше да биде наш страв од следна војна. Ние во Србија, Босна и Хрватска немаме само исти политики. Имаме и исти луѓе кои ги направија војните во 1990-те. Таа повишена реторика, коцкањето со туѓите животи, со туѓи глави, ќе не однесе во некоја нова катастрофа. Поради тоа го измисливме тој факт, дека три нации се борат да докажат, која е наследник на најстариот човек на светот околу археолошко наоѓалиште. Таквите апсурди може да не одведат сите нас во нови крвопролевања, затоа што претставата се потсмева на сè што значи политичко опкружување. Нормалните луѓе на Балканот не смеат да дозволат да ни се повторат тие години.

И, по еден таков удар на сите сетила, не помалку возбудливо е и она што потем доаѓа.

Најнапред од 13 до 15 април, за прв пат во земјава, по три пати дневно, публиката ќе има можност да ја почувствува магијата на т.н. „сензорна“ претстава на експерименталниот и независен театар „Понтен Пие“ од Шпанија. Тие во својата игло-куќичка поставена пред платото на Универзална сала, ќе ја изведат „Артик“, во режија на Серџи Отс. На нивните перформанси ќе може да присуствуваат само ограничен број од 20 посетители по изведба, па така не случајно организаторите забележуваат дека „таквото доживување е бесценето и уникатно“.

Од интернационалната програма посебно за издвојување е претставата „55 нијанси на геј“ во режија на Блерта Незирај и продукција на „Ќендра мултимедија“ од Косово, проект што предизвика голем регинален интерес. Оваа претстават ќе биде прикажана на 14 април на Малата сцена во МНТ, а веќе следниот ден во идентичниот простор на МОБ е предвидено да настапат пријателите на Фестивалот - 92. Арт театар од Атина, соседна Грција.

Од македонската независна продукција, на 13 април, со почеток од 22 часот, на Малата сцена во Универзална сала, ќе гостува битолскиот Интимен театар со „Три напред, три назад – седум осмини“ во режија на Софија Ристевска, минатогодишната добитничка на наградата за најдобра режија на ИТФ „Лица без маски“, на 16 април, со почеток од 20 часот, во ДТЦ-Стар Чаршија, ќе настапат минатогодишните победници на манифестацијата, независниот театар АРТОПИА, со претставата „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, а од 22 часот на Малата сцена на МОБ, пред доделувањето на трите фестивалски награди, ќе биде изведена кореодрамата „Ла, ла, ла“, авторски проект на кореографката Саша Евтимова.

„На моја среќа и на мое огромно задоволство повеќето од претставите коишто ги гледав во тој континуитет од една година комуницираат сами со себе за актуелниот политички миг во којшто живеат не само Македонците и луѓето на Балканот туку и пошироко. Сите оние глобални политики околу прашањата на национализмите, делбите на луѓето генерално низ светот се секаде еднакви. Секаде во светот во овој момент во којшто живееме национализмот го зазема се поголемиот замав, затоа и поголемиот дел од претставите се нагласено политички ангажирани“, појаснува Ивковиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG