Достапни линкови

Дневен печат - ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за владата


Архивска фотографија: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција пред Собранието.

Враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и најавената интерпелација за работата на владата, како и претстојната средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас се едни од главните теми во дневниот печат.

Првиот тест за десетмесечното работење на коалиционата Влада на Заев и Ахмети најверојатно ќе се случи на првиот работен ден по Велигден, во вторник. Како што објави Независен, ВМРО-ДПМНЕ најверојатно в сабота ќе ја поднесе во Парламентот интерпелацијата за таа да се разгледува во вторник, на 10 април. Независен дообјаснува дека првичната причина поради која се очекуваше враќање на опозицијата во Собранието по бојкотот од повеќе од четири месеци, а пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на 17 април, беше усогласеноста помеѓу опозициската и владејачката партија околу системските закони од реформскиот пакет. Но потоа од ВМРО-ДПМНЕ соопштиле дека нивен приоритет е да поднесат интерпелација за Кабинетот на Заев, што се толкува како своевидно оправдување за одлуката за прекинување на бојкотот.

Во меѓувреме, Нова Македонија ја објави изјавата на премиерот дека „Дијалогот со опозицијата се движи во добар правец“ кој едновремено ја поздрави одлуката опозицијата повторно да се вклучи во работата на парламентот.

Вечер во неколку статии објавува извадоци од интервјуто на Мицкоски за ТВ Телма: „Транзициските политичари како Заев мора да завршат“, „Политичкиот терор се зголемува, оние кои го прават ќе треба да одговараат“, „ВМРО-ДПМНЕ – Груевски + Мицкоски = Нова Влада на РМ“.

Слободен печат исто така го цитира Мицкоски со наслов: „Мицкоски не знае каде се парите на ВМРО-ДПМНЕ“. Имено, на прашањето на новинарот „Каде се парите на најбогатата партија во Европа“, Мицкоски одговорил: „Не знам за што зборувате!“

Независен го цитира премиерот Заев кој најави: „Могерини и Хан на 18 април во Македонија“, всушност еден ден по објавувањето на извештајот за земјава.

Нова Македонија и Независен објавуваат дека во земјава следува и друга посета: „По Велигден Коѕијас повторно во Скопје“ и „Коѕијас на 12 април во Охрид на средба со Димитров“.

Инаку Вечер информира дека „Димитров на поединечни средби ќе информира за разговорите за името, нема лидерска средба“.

Нова Македонија наслови: „Збогум на лидерските средби“, наведувајќи дека, барем засега, поединечни одвоени средби и консултации наместо заедничка лидерска средба е новиот пристап на министерот Димитров. Весникот наведува мислења на политиколози кои сметаат дека враќањето на процесот во институциите е добар сигнал, бидејќи досега практикуваниот начин на племенско одлучување кога четворица поглавари (лидери) решаваат важни државни прашања во тесен, затворен и изолиран круг е во директна спротивност со начелата на демократијата, а го урива кредибилитетот на институциите.

Слободен печат излезе со загатлив наслов: „На повидок план Б ако до јуни не се постигне договор за името – во НАТО со БЈРМ“.

Од случувањата во светот: „Србија започна преговори за испорака на ново оружје од Русија“, објави Вечер, наведувајќи дека станува збор за 4 транспортни и 4 борбени хеликоптери.

Слободен печат го пренесува ставот на британскиот Форин Офис објавен на Твитер: „Не тврдевме дека ’Новичок‘ потекнува од Русија“.

Нова Македонија наслови: „Одбиен предлогот на Русија за нова истрага за случајот Скрипал“, всушност за труењето со нервниот агенс „Новичок“ на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во нивниот дом во британскиот град Солсбери.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG