Достапни линкови

Македонија во финиш му се извини на Ел Масри


Македонија, постапувајќи по пресудата на Судот во Стразбур, му се извини на Калед Ел Масри, кого македонските власти бесправно го заробиле и држеле во 2004. Ако не му се извинеше и се закануваше Резолуција со осуда од Советот на Европа.

Македонија му се извини на Германецот со либанско потекол, Калед ел Масри, кој во 2004 беше заробен во Скопје, а потоа предаден на ЦИА. Писменото извинување во име на Македонија, го испратил министерот за надворешни работи Никола Димитров. Министерот во писмото испратено на 28 март годинава упатено до Ел Масри, искрено се извинува и безрезервно жали за неправилниот однос што го имале македонските власти кон Ел Масри во 2004.

Според пресудата на Судот во Стразбур од 2012, Македонија прекршила неколку одредби од Европската конвенција за човекови права и плати отштета од 60 илјади евра. Земјата требаше и да му се извини на германскиот државјанин до крајот на март 2018. Ако не му се извинеше на Македонија и се закануваше прва Резолуција со осуда од Советот на Европа.

Комитетот на министри на Советот на Европа во декември 2017 година, констатирал дека одлуката на Судот не е извршена, односно државата не му се извинила. Тие изготвиле и нацрт-времена резолуција, која доколку Македонија не се извинеше ќе требаше да се изгласа на состанокот на министрите во јуни.

Случајот за Ел Масри против Македонија пред Европскиот суд за човекови права го отвори Иницијативата за правда при Фондацијата Отворено општество.

Ел Масри три недели бил испрашуван во хотел во Скопје

Полицијата во Македонија го уапсила Ел Масри на 31 декември, 2003 и тајно го испрашувала три недели во хотел во Скопје, а потоа им бил предаден на агенти на ЦИА кои го однеле во Авганистан. Таму Ел Масри бил затворен четири месеци во нехумани услови и малтретиран во озлогласен центар на ЦИА. Како што се опишува, во Кабул тој бил подложен на понатамошно испрашување. Кон крајот на мај, ЦИА го вратила Ел-Масри во Европа, и тој бил оставен покрај пат во Албанија, долго време откако американските власти утврдиле дека уапсиле погрешно лице.

Освен извинување, треба да се најде и одговорниот

Извршниот директор на Иницијативата за правда на Фондацијата, Џејмс А. Голдстон вели дека срдечно го примиле извинувањето од ПЈРМ кон Ел Масри.

„Секако, ова оди подалеку од Соединетите Американски Држави, кои и понатаму одбиваат да посочат некој во ЦИА за одговорен за овој ужасен случај, или да ја признаат неправдата кон Ел Масри, а да не зборуваме за отштета. Меѓутоа, однесувањето за кое станува збор е противправно, а не само „некоректно“, и затоа е потребна детална истрага. ФИРОМ треба да отвори официјална кривична истрага за настанот, или да најде кој е одговорен“, вели Голдстон.

Во истражување на Фондацијата од пред неколку години беше посочено дека 54 странски земји учествувале во програмата на ЦИА за приведување и насилно испитување осомничени за тероризам по нападите на 11 септември 2001 година. Во извештајот се опишува судбината на 136 жртви на оваа програма која вклучуваше и нивен трансфер преку граници, без законска процедура.

Директорот на Програмата за човекови права на американската Унија за граѓански слободи, Џамил Даквар вели дека формалното извинување на Македонија, е прв чекор во откривањето на целосната вистина за противправното киднапирање на Ел Масри и неговата тортура.

Во моментов, американската Унија за граѓански слободи го застапува Ел Масри во случај против владата на САД, што сега се разгледува од Интер-американската комисија за човекови права. Исто така, американската Унија за граѓански слободи го застапуваше Ел Масри во тужба пред федералниот суд на САД, што беше одбиена врз основа на објаснување дека со случајот би се откриле „државни тајни“.

Во 2014 година, во извештај на Комисијата за разузнавање при Сенатот на САД за програмата за тортура на ЦИА се потврдува дека Ел Масри бил заробен по грешка и дека ЦИА се обидела да ги сокрие грешките и да ја избегне одговорноста за истите.

Изминатите години и други организации за заштита на човековите права во своите извештаи ги повикува властите да спроведат ефикасна истрага за киднапирањето на Калед ел-Масри.

Ел Масри освен од Стразбур, бараше правда и пред македонските судови. Тој бараше 50 илјади евра за наводната тортурата во Македонија од страна на македонското МВР.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG