Достапни линкови

Путин зачуден од антируските потези на Западот


Путин: Западот пребргу не обвини за нападот врз Скрипал
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Путин: Западот пребргу не обвини за нападот врз Скрипал

Рускиот претседател Владимир Путин изрази зачуденост околу тоа колку бргу Западот ја обвини Русија во врска со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Британија.

Путин на прес конференцијата во Анкара по разговорите со неговиот домаќин турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја спомна изјавата на шефот на британската воена лабораторија Гери Ејткенхед кој рече дека научниците не го утврдиле „прецизниот извор“ на нервниот гас „новичок“ кој беше употребен во труењето.

„Генералниот директор на лабораторијата Портон Даун, ова е 8 километри од каде што се случи овој инцидент, изјави во интервју за „Скај њуз“ дека вработените во неговата лабораторија не можат да ја утврдат земјата на потекло на оваа невропаралитична супстанција и не можат да ја идентификуваат земјата на потекло. Тие исто така не можат да речат дека оваа супстанца е произведена во Русија“.

Путин додаде дека имало околу 20 земји каде што биле направени такви супстанции.

Затоа, тој смета дека изјавата на Ејткинхед е доказ оти британските обвинувања за руската вмешаност во труењето, која доведе до протерување на над 150 руски дипломати, биле неосновани.

„Се разбира дека сме заинтересирани за целосна истрага, сакаме да бидеме дел од оваа истрага и сакаме пристап до релевантниот материјал, бидејќи ова е за граѓанин на Руската Федерација. Како што знаете, Руската истражна комисија започна кривична постапка, се разбира, ова ќе биде истражено“.

Тој изрази надеж дека извесно разјаснување на случајот ќе даде состанокот на Организацијата за забрана на хемиското оружје кој бил свикан по барање на Москва.

Инаку, Ејкенхед во интервјуто за „Скај њуз“ изјави дека напад со толку опасно хемиско оружје може да биде изведен само со капацитети од, како што рече, „државен актер“.

Во меѓувреме, Кремљ побара од Лондон да се извини поради тврдењата за поврзаноста на Русија со случајот Скрипал. Дмитри Песков кој е претставник за медиуми на претседателот Путин исто така изјави дека Лондон мора да положи сметки и пред сојузниците кои изразија солидарност со Британија во протерувањето руски дипломати.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG