Достапни линкови

Фотографии од фреските во Курбиново во Музејот на град Скопје


Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Богородица во апсидата со Исус Христос
Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Богородица во апсидата со Исус Христос

„Обновување на сликарството на Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – Ремек дело на византиската уметност во Македонија“ е насловена изложбата на фотографии што до 8 април се одржува во Музеј на Град Скопје. Поставката наново ги претставува резултатите од проектот Македонски фрески – Маско 360, реализиран од страна на Здружението Македонида од Скопје под раководство на д-р Панче Велков, во соработка со професор д-р Филип Нивонер од Факултетот за христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија.

По премиерното претставување во националната институција Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, во јуни минатата 2017 година, еве убава можност „Обновување на сликарството на Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – Ремек дело на византиската уметност во Македонија“ да ја проследи и скопската културна јавност. Домаќин на изложбата е Музејот на Град Скопје, а настанот во периодот од 28 март до 8 април се реализира во соработка со Здружението Македонида и Завод и Музеј - Битола, а со подршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Изложбата ги претставува резултатите од проектот Македонски фрески – Маско 360 реализиран од страна на Здружението Македонида од Скопје под раководство на д-р Панче Велков, во соработка со професор д-р Филип Нивонер од Факултетот за Христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија, а со поддршка на германскиот институт Макс Планк и Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија.

Фотографиите всушност се направени во пролетта 2016 година, период во којшто веќе беа започнати конзерваторските работи во црквата во Курбиново. Ова подразбира дека постојниот иконостас веќе бил изваден од Црквата со што се пружи единствена можност студентите од Гетинген непречено да ги фотографираат светски познатите фрески во курбиновската црква.

„Станува збор за фотографии коишто се сликани во Црквата која е испразнета од литургискиот материјал. Од иконостасот којшто беше несоодветен. Оригиналниот одамна е изгубен. Така можеа да се фотографираат визури во гро-план од сите страни што е веројатно по прв пат таква можност од кога постои Црквата“, вели д-р Панче Велков од Здружението Македонида.

Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Богородица во апсидата со Исус Христос
Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Богородица во апсидата со Исус Христос

Тој забележува дека битен момент во приказната е тоа што лека-полека македонската јавност во последниве децении се помалку ја посетува Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново. Порано, како што информира, тоа редовно го правеле студентите по архитектура, но таа „навика“ со време исчезнала. Според него, премногу е комплексно прашањето зошто е тоа така. Велков нагласува дека вреди за него да се потроши време, но дека со изложбата тие имале намера наново да и ја приближат оваа црква, ремек дело на византиската уметност во Македонија, на сите жители од главниот град и посебно на младите, да ги иницираат оние што имаат можност да појдат да ја посетат.

„Изложбата е мала по обем, меѓутоа фотографиите се многу квалитетни, просторот во Музеј на Град Скопје е многу соодветен, а имаме и навистина богат каталог. Пријатно сум изненаден од тоа што Министерството за култура на својот интернет сајт ја стави изложбата како нивна насловна страница. Ова сепак е мал проект, но влогот е многу голем. Уметничкото значење на овој споменик на културата, на оваа црква, преку нејзините фрески од 12 век е од исклучителна важност. Тоа е светски споменик на културата. Тоа се уникатни фрески, ремек дела на византиската уметност од 12 век кои тешко можат да се споредат со нешто друго надвор од Македонија“, вели тој.

Велков дополнува дека презентација влегува во рамките на пошироката кампања за валоризација и промоција на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново и нејзината конзервација, која ја води Здружението во соработка со нивните германски и француски партнери. Од таму, како што ќе рече, Изложбата по Скопје ќе патува во баварската метропола - Минхен, каде на 7 мај годинава ќе биде претставена во просториите на престижниот Универзитет Лудвиг Максимилијан, поточно на Факултетот за византиски и современи грчки студии, а нешто потоа ќе ја види и романската публика.

Д-р. Панче Велков
Д-р. Панче Велков

Тој истакнува дека промоцијата во странство, пред сè во европските земји, Северна и Јужна Америка, е од исклучително значење. Вели дека токму поради уметничката вредност на споменикот на културата и на фреските од црквата Св. Ѓорѓи од Курбиново од 12 век, во тек е и конзерваторскиот проект под раководство на Завод и Музеј – Битола, помогнат од Министерството за култура на Република Македонија. Затоа смета дека сето тоа ним им било додатна мотивација кон заложбите да ја понудиме и промовираме изложбата во повеќе светски земји бидејќи сметале дека на таков начин се промовира не само споменикот на културата, туку и работата и проектот за конзервација.

„Тоа би можело да послужи како еден пример за тоа како со меѓународна соработка и во меѓународни рамки, во наредните години и периоди, би се одвивале ваквите проекти. Ова е од клучно значење од една страна за културното наследство на Република Македонија, за неговата промоција, неговата одржливост, за развојот на културниот туризам во земјата, меѓутоа и за имиџот, сликата на земјата којашто во голема мера ќе се претставува, треба да се претставува, преку нејзиното културно наследство“, истакнува Велков.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG