Достапни линкови

Прогресивниот данок ќе предизвика даночна евазија


Архива: Прес-конференција на премиерот Заев, со заменик-премиерот Анѓушев и министерот за финансии Тевдовски.

Мерката за прогресивно оданочување може да влијае дестимулативно за луѓето кои во земјава заработуваат повеќе, коментираат економски екперти. Тие најавената мерка ја оценуваат како популистичка, со која е можно преселување на приходите надвор од државата.

Доколку воведувањето на нови даночни мерки не биде направено со јасна визија и цел, што тие ќе донесат за граѓаните и стопанството, секоја промена ќе доведе до можност за фискална евазија, вели економскиот аналитичар Фатмир Битиќи.

Коментарите доаѓаат откако министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека од април ќе започне дебата за воведување на прогресивно оданочување со кое се предвидува за секој приход остварен над границата од илјада евра да се плаќа данок од 18 проценти.

Битиќи вели, ако целта на политиките не е јасна, тогаш ќе има и отпор.

„Првично сметам дека не докрај е јасна целта на промената на даночната политика по основ на персоналниот данок, од рамен на прогресивен, дали нам во Македонија ни е целта од поголемото оданочување да имаме поголеми приходи на приходната страна во Буџетот или таа е да ја намали разликата меѓу побогатите и посиромашните“, вели Битиќи.

Министерот за финансии Тевдовски смета оти во Македонија приход од над илјада евра остваруваат околу два отсто од граѓаните, посочувајќи дека данокот на приход до илјада евра ќе остане ист, односно 10 отсто. Тој рече дека луѓето кои имаат доход повисок од овој, се приходи кои во голем дел не се од труд, туку од капитал.

Професор Зоран Ивановски од Економскиот факултет на Универзитетот за туризам и менаџмент, вели дека доколку два процента од популацијата се засегнати од оваа мерка, тогаш се поставува прашањето колкав ќе биде бенефитот изразен на ниво на планирани јавни приходи, кои државата ќе ги собере.

Според него, мерката нема да даде ефекти на фискален план, ќе предизвика повисоко ниво на даночна евазија, а вели оти исто така е проблематично и тоа што со неа на удар особено ќе биде ИТ секторот, кој во овој дел има највисоки плати, најголем дел од странски компании кои во Македонија инвестираат во знаењето на програмерите.

„Би било нереално дека тоа ниво од два процента ќе се задржи, затоа што и работодавците и оние кои ги заработуваат парите ќе размислуваат како во друга форма да ги изразат парите за да избегнат плаќање на данок. Мислам дека ефектот на крај ќе биде повисоко ниво на даночна евазија, односно барање на други форми за прикажување на приходот, така што не гледам која би била целта“, вели Ивановски.

Тој додава дека ова се мерки на популистичко водење на економијата, насочено само кон добивање на избори.

„Идејата е да се даде позитивен сигнал на посиромашните слоеви дека нивниот живот и стандард би требало да ги плаќаат побогатите. Јас разбирам дека тоа е запишано во делот на социјал-демократските програми, меѓутоа изедначувањето не е признато во пазарните економии“, вели Ивановски.

Битиќи мерката ја оценува како избрзана, недоволно обмислена и исто така во рамките на популизмот, бидејќи како што вели, со неа на многубројната посиромашна класа ќе и се даде порака дека побогатите ќе бидат повеќе оданочени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG