Достапни линкови

Медиумите фокусирани на Законот за јазиците и Казандол


Протест пред Собранието против законот за јазиците

Сите медиуми пишуваат за усвојувањето на Законот за јазици, за атмосферата во која беше донесен, за последиците и за протестите против законот. Втората „жешка„ тема е раскинувањето на договорот за рудникот во Казандол.

Која да биде топ-вест во нашиов преглед на пишувањето на печатените и електронските медиуми? Дали дека „Вмровците ги покажаа забите на почетокот на расправата за Законот за јазиците“, со фотографија на една беззаба жена како протестира пред Собранието, како што објави на насловната Слободен печат, дали онаа дека „Боксерот се врати во рингот“, како што објави Независен, или оние дека „Владата го раскинува договорот за концесија за ’Казандол‘“ – како што наслови Нова Македонија, и дека „Радиоактивна супстанца се наоѓа среде Скопје“, веста на Нова ТВ што ја пренесува Независен.

Сепак, ќе одиме со објавата на Вечер: „Усвоен Законот за јазици – со 64 гласа и без амандмани“. Весникот додава дека Законот е усвоен со истата содржина како и на 11 јануари, кога претседателот Иванов не го потпиша, и дека овојпат, според Уставот, тој е обврзан да го потпише. Еве уште некои од насловите во електронските изданија на весниците: Нова Македонија: „Груевски се скара со Џафери, седницата прекината“, „Изгласан Законот за употреба на јазиците“, „Џафери: Нема да дозволам да се повторат 24 декември и 27 април во Собранието“, „Иванов: Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Законот за употреба на јазиците“; Вечер: „Избегната тепачка во Собрание – Груевски му истури вода на Џафери“, „Тензично во Собранието – Груевски му го исклучи микрофонот на Џафери“; Слободен печат: „Груевски и во 2003 година одзел картичка од претседателот на Собранието“, надополнувајќи дека тоа се случило со тогашниот претседал Љупчо Јордановски при донесувањето на новиот буџет.

Инаку, сите медиуми ја објавија веста дека пред Собранието во средата попладне и вечерта група граѓани протестираа против усвојувањето на Законот. Вечер ја објави реакцијата на Мицкоски: „Кривична за Талат Џафери, плус ќе го обориме овој закон пред Уставен. СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство ја поништија волјата на граѓаните“. Истиот весник, како и Слободен печат и Независен, го објавија и соопштението на СДСМ: „Груевски стои зад блокадата на Собранието, а Мицкоски е негова марионета – Никола Груевски го чека соочување со одговорноста за целокупниот криминал во изминатите 11 години и од тоа не може да избега со провидни обиди за создавање тензии, поделби и конфликти“.

Во меѓувреме, Владата на седницата во средата „Реши да го раскине договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол“, насловија Нова Македонија и Независен. Во врска со информацијата на Нова ТВ што ја пренесе Слободен печат: Телевизијата дознала дека во подрумските простории и на таванот на клиниката за онкологија во Скопје со години стои радиоактивен кобалт 60, опасен доколку луѓето се изложат на неговото зрачење. Во последните 50 години таму биле складирани и радиоактивно злато, радиум и цезиум кои биле користени во медицината, а немало каде да се складираат. Од клиниката велеле дека радиоактивниот отпад бил сместен во специјални оловни бункери и немало опасност по луѓето“. Ѓаволот ни ора ни копа, рекол народот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG